СИСТЕМ ШТО ГИ ЗБУНУВА СИТЕ – Повеќе гласови за Данев, но ректор станува Ангелова

Ректорската трка заврши со неочекуван исход и покрај разликата во вкупните гласови.

СИСТЕМ ШТО ГИ ЗБУНУВА СИТЕ – Повеќе гласови за Данев, но ректор станува Ангелова
Фото: Принтскрин

Проф. д-р Биљана Ангелова, редовен професор на Економскиот институт во Скопје, е реизбрана за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Нејзиниот нов мандат ќе трае три години, од 16 септември 2026 до 15 септември 2029 година.

Таа истакнува дека квалитетот на студирањето не се мери само преку наставните програми, туку и преку целокупното студентско искуство – инфраструктурата, советодавната поддршка, културните и спортските активности, како и чувството на припадност кон универзитетската заедница. Според неа, целта е УКИМ да се развива како заедница на доверба и благосостојба, каде што се студира, работи и живее во поттикнувачка и безбедна средина.

И покрај тоа што кандидатот Дарко Данев, професор на Машинскиот факултет, освоил поголем број вкупни гласови во ректорската трка, функцијата ректор повторно ѝ припадна на Ангелова. Овој исход произлегува од актуелниот модел на избор, утврден со Законот за високо образование, кој предвидува различна тежина на гласовите по факултети.

Според конечните резултати, Данев освоил 663 гласа, додека Ангелова 565. Сепак, поради распределбата и вреднувањето на гласовите по единици, конечниот исход бил во нејзина корист.

Данев остварил победа на повеќе факултети, меѓу кои Економскиот, Правниот, Филозофскиот, Филолошкиот, Медицинскиот, како и на повеќе технички и уметнички факултети.

И покрај тоа, сегашниот изборен модел не го пресликува директно вкупниот број гласови во конечниот резултат, што повторно ја отвора дебатата во академската јавност за неговата правичност. Дел од професорите укажуваат дека системот не го одразува принципот „еден професор – еден глас“ и создава разлика меѓу формалниот и суштинскиот легитимитет на изборот.

Очекувањата се дека ова прашање ќе биде дел од пошироките дебати за реформи во високото образование и можни измени на законската рамка во наредниот период.

CATEGORIES
Share This