СИЛЈАН ШТРКОТ СТАНУВА ЛЕКТИРА Еве што ги очекува четвртоодделенците од септември

Познатата македонска бајка добива посебна илустрирана сликовница, а целата збирка „Бајки од Македонија“ станува редовна лектира во основното образование.

СИЛЈАН ШТРКОТ СТАНУВА ЛЕКТИРА Еве што ги очекува четвртоодделенците од септември
Фото: Принтскрин

Македонската народна бајка „Силјан Штркот“, позната како дел од изданието „Бајки од Македонија за цела година“, добива ново, самостојно илустрирано издание. Сликовницата е илустрирана од Катерина Николовска, а ја објавуваат „Арс Ламина – публикации“ во соработка со Здружението за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“.

Особено значење има фактот што од новата учебна година изборот „Бајки од Македонија“ ќе биде дел од наставната програма за основно образование, односно ќе стане редовна лектира за учениците од четврто одделение.

Од „Браво сине!“ посочуваат дека целта на проектот уште од неговиот почеток била поттикнување на креативноста кај младите и создавање дела со трајна културна вредност. Ангелка Пеева-Лауренчиќ, член на Управниот одбор на здружението, вели дека особено радува тоа што „Силјан Штркот“ добива нова форма приспособена на најмладите читатели.

„Нашата заложба е македонското книжевно и културно наследство да продолжи да живее и да биде достапно за новите генерации. Затоа особено нè радува што ‘Силјан Штркот’ добива нова форма, прилагодена на најмладите читатели“, истакнува Пеева-Лауренчиќ.

Од „Арс Ламина“ нагласуваат дека „Силјан Штркот“ е приказна со која треба да расте секое дете. Според директорката на издаваштво Бранка Бугариска, во делото особено доаѓа до израз раскажувачкиот талент на Марко Цепенков.

„Силјан Штркот“ е сложено дело во кое народниот јазик, фантастиката, хуморот, поуката и психолошката нијансираност се испреплетуваат во единствена целина“, вели Бугариска.

Досегашната соработка меѓу „Браво сине!“ и „Арс Ламина“ резултирала со објавување на 80 македонски бајки и четири басни. На јавните конкурси за нивно создавање учествувале повеќе од 100 илустратори и над 300 автори, кои доставиле повеќе од 440 текстови.

Дел од овие изданија се преведени на седум светски јазици и на Брајова азбука, а проектот досега има добиено и бројни домашни и меѓународни награди и признанија.

CATEGORIES
Share This