КАРНЕГИ ХОЛ ДОАЃА ВО ОХРИД Две музички ѕвезди вечерва на „Охридско лето“
Кларинетистката Ноеми Салаи и пијанистката Александра Балог, наградувани уметници со настапи на најпрестижни светски сцени, носат незаборавна Унгарска вечер.

Музичката програма на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со Унгарската вечер, која ќе донесе целовечерен концерт на две истакнати уметнички – кларинетистката Ноеми Салаи и пијанистката Александра Балог.
Публиката ќе има можност да ги слушне нивните изведби на дела од Роберт Шуман, Мате Бела, Золтан Кодај, Реже Кокаи и Бела Барток, во музичка програма што го поврзува германскиот романтизам со богатата унгарска музичка традиција.
Ноеми Салаи зад себе има повеќе меѓународни признанија. Во периодот од 2018 до 2020 година била единствената кларинетистка избрана за престижната програма „Ансамбл конект“ на „Карнеги Хол“. Настапувала со Унгарскиот фестивалски оркестар под диригентската палка на Иван Фишер, како и со реномирани ансамбли во Европа и САД. Салаи дипломирала на колеџот „Бард“, а магистерските студии ги завршила на „Џулијард“ во Њујорк.
Александра Балог е победничка на Меѓународниот натпревар за пијанисти „Бела Барток“ во Грац во 2017 година, добитничка на „Фулбрајт“ стипендија и на престижната награда „Прима“ за млади уметници во Унгарија. Во 2024 година се најде и на листата „30 под 30“ на „Форбс“ – Унгарија.
Како солистка, Балог настапувала во некои од познатите концертни сали во светот, меѓу кои „Карнеги Хол“ во Њујорк, Конзерваториумот „П. И. Чајковски“ и Центарот за уметности во Мексико Сити. Во актуелната концертна сезона се најавени и нејзини настапи во Париз, Лондон, Токио, Сингапур, Пекинг и Шангај.
Покрај концертната кариера, Балог е основач и уметнички директор на Уметничкиот колектив „Аталена“, кој ги поврзува младите музичари од различни земји и реализира фестивали, академии и мајсторски курсеви во Унгарија и Италија.
Унгарската вечер на „Охридско лето“ претставува уште една можност фестивалската публика да ужива во врвни интерпретации и во музичкиот дијалог меѓу различни европски традиции.

