СИЉАНОВСКА ДАВКОВА ВО ЉУБЉАНА – Некои членки на ЕУ немаат уставни одредби за малцинства

Претседателката истакнува дека сите граѓани во Македонија имаат еднаков третман, без разлика на етничката припадност, и дека уставните одредби важат за сите заедници.

СИЉАНОВСКА ДАВКОВА ВО ЉУБЉАНА – Некои членки на ЕУ немаат уставни одредби за малцинства
Фото: Принтскрин

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакнува дека, иако Бугарите не се експлицитно наведени во Уставот, тој сепак им обезбедува еднакви права како и на сите други етнички заедници кои се споменати. Според неа, Северна Македонија во пракса гарантира поширок спектар на малцински права во споредба со некои земји членки на Европската унија.

Таа додава дека во Бугарија малцинските права не се уредени преку посебна уставна одредба, туку главно преку член кој забранува дискриминација по различни основи.

Во своето обраќање на Правниот факултет во Љубљана, на тема „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“, Сиљановска-Давкова се осврна и на поширокиот европски контекст, нагласувајќи дека Европската унија нема единствена политика за малцинските права, кои не се дел од т.н. acquis communautaire. Таа посочи дека дел од земјите членки, како Франција и Грција, не ги имаат ратификувано клучните европски конвенции за заштита на малцинствата и регионалните јазици, додека поголем број членки во своите устави воопшто не содржат експлицитни одредби за малцинствата.

Сиљановска-Давкова се повика и на одредбите од македонскиот Устав, наведувајќи дека во членот 6 е утврдена забрана за дискриминација и гаранција за еднаквост на сите граѓани, без оглед на полот, расата или етничката и националната припадност.

Оваа изјава беше дадена како одговор на прашање од бугарскиот амбасадор во Словенија, Красимир Бојанов, во врска со тоа зошто внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав се смета за спорно од идентитетски аспект.

CATEGORIES
Share This