ШТО НЕ ЗЕЛА ПРЕДВИД ВЕШТАКОТ ВО СЛУЧАЈОТ ЛОТАРИЈА Поповска призна дека не го разгледала Деловникот на Владата

На вкрстеното испитување од одбраната на Артан Груби, вештото лице одговори и за надлежностите на Бирото за јавни набавки и Министерството за финансии. Потврди дека Министерството немало забелешки на информацијата доставена до Владата.

ШТО НЕ ЗЕЛА ПРЕДВИД ВЕШТАКОТ ВО СЛУЧАЈОТ ЛОТАРИЈА Поповска призна дека не го разгледала Деловникот на Владата
Фото: Принтскрин

Со вкрстено испитување на вештото лице Анита Поповска, од страна на одбраната на второобвинетиот Артан Груби, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судскиот процес за предметот „Државна лотарија“. Бранителот на Груби, адвокатот Владимир Доневски, поставуваше прашања поврзани со надлежностите на Бирото за јавни набавки и Министерството за финансии во постапката за набавка на видеолотариски терминали.

Поповска објасни дека основната улога на управната контрола на Бирото за јавни набавки била да провери дали при спроведувањето на постапката се почитувани правилата и процедурите од Законот за јавните набавки. На прашањето дали Бирото имало можност да покрене прекршочна или кривична постапка, вештото лице рече дека не знае кои други инструменти му стоеле на располагање.

„Исклучиво ги следам нормативите во однос на донесувањето на заклучоците од финансиски аспект, но кои се тие други инструменти, јас не знам“, одговори Поповска.

Во продолжението на испитувањето, одбраната се фокусираше на мислењето на Министерството за финансии во врска со информацијата што Државна лотарија ја доставила до Владата за преземање активности за приредување игри на среќа. Поповска потврди дека Министерството се повикало на член 7 став 3 од Законот за игрите на среќа и дека во заклучокот од мислењето било наведено оти, во рамките на своите надлежности, нема забелешки на доставената информација.

Посебно внимание привлече и прашањето дали при изработката на вештиот наод и мислење биле земени предвид Законот за буџетите, Законот за игрите на среќа, Законот за Владата и Деловникот за работа на Владата. Вештото лице одговори дека законите ги имала предвид во нормативниот дел, но не и Деловникот за работа на Владата.

„Законите да, во нормативниот дел, но Деловникот не сум го зела предвид. Не ги разбирам прашањата во однос на мислењето на Министерството за финансии“, изјави Поповска.

Одбраната, повикувајќи се на членовите 25 и 26 од Законот за игрите на среќа, отвори и прашање за надлежностите на Министерството за финансии при проверката на документацијата доставена од друштвото во државна сопственост за приредување општи игри на среќа. Обвинителството реагираше со приговор, оценувајќи дека во прашањето се содржани констатации и дека од вештото лице се бара да толкува законски одредби, што според обвинителството е прашање за завршниот збор. Судот не го прифати приговорот.

На претходното рочиште, Поповска посочи дека предмет на вештачењето била целокупната постапка за набавка на видеолотариски терминали,  од планирањето и спроведувањето на јавната набавка, преку склучувањето рамковни спогодби, до испораката на опремата и извршените плаќања. Таа тогаш соопшти дека вкупно исплатениот износ за набавката изнесува 596.125.511 денари. Воедно, посочи дека за третиот избран економски оператор не биле утврдени склучени одделни договори, испорака, фактурирање или плаќање.

Во предметот „Државна лотарија“, покрај Артан Груби и поранешниот директор на АД Државна лотарија Перпарим Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Според обвинението, осумтемина со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судскиот процес го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

CATEGORIES
Share This