ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ СО 6-ТЕ ПРОЦЕНТИ ОД ПЕНЗИСКИТЕ ПРИДОНЕСИ Велковски ги разјасни измените
Бришењето на членот 120, со кој се регулира придонесот од 6 проценти, претставува законско усогласување и пренесување на одредбата во друг закон.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, ги отфрли наводите дека со предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување се укинува вториот пензиски столб, поради најавеното бришење на членот 120, кој ја регулира уплатата на придонесот од 6 проценти. Велковски појаснува дека не станува збор за укинување на вториот пензиски столб, ниту за укинување на придонесот што се уплаќа во него, туку за законско и техничко усогласување на регулативата.
„Не се укинува вториот пензиски столб. Со предложените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување не се укинува ниту вториот пензиски столб ниту придонесот што се уплаќа во него. Станува збор за законско и техничко усогласување на регулативата“, наведува министерот во писмена изјава.
Тој објаснува дека со член 17 од Предлог-законот, објавен на ЕНЕР, се предлага бришење на членот 120 од постојниот закон, кој ја регулира стапката на придонесот за вториот пензиски столб. Но, според него, тоа не значи дека придонесот се укинува или дека престанува да постои вториот пензиски столб.
Напротив, како што посочува Велковски, нормативното уредување на ова прашање се пренесува во Законот за задолжителни социјални придонеси, каде што системски ќе се регулираат прашањата поврзани со задолжителните социјални придонеси.
„Значи, вториот пензиски столб продолжува да постои, а придонесот продолжува да се уредува со закон. Станува збор за пренесување на законската одредба во друг закон, а не за укинување на пензискиот столб“, појаснува министерот.
https://nacionalno.mk/vtoriot-penziski-stolb-ne-se-ukinuva-mickoski-gi-otfrli-shpekulaciite-vladata-sepak-pravi-analiza/

