ШОКАНТНА ЕВРОПСКА ЛИСТА Кириите во некои градови земаат 90% од платата, а Скопје е меѓу најевтините

Новото истражување за 2026 година покажува огромни разлики во трошоците за живот, додека некои европски престолнини стануваат недостижни, Скопје останува меѓу најприфатливите

ШОКАНТНА ЕВРОПСКА ЛИСТА Кириите во некои градови земаат 90% од платата, а Скопје е меѓу најевтините
Фото: Принтскрин

Новото истражување на британскиот финансиски портал „Tradingpedia“ за 2026 година покажува дека Скопје се наоѓа меѓу најприфатливите европски престолнини за самци, заедно со Сараево и Подгорица. Додека многу европски градови се соочуваат со растечки трошоци за домување и живот, македонската престолнина останува една од дестинациите каде киријата, превозот и секојдневните трошоци се значително пониски.

Според анализата, просечните месечни трошоци за едно лице во Скопје изнесуваат околу 702 евра. За изнајмување опремена гарсониера од 45 квадратни метри, со вклучени комуналии, интернет и основни трошоци, потребни се околу 416 евра месечно. Дополнително, трошоците за забава се проценети на околу 146 евра, додека месечниот билет за јавен превоз чини приближно 24 евра, што го прави градот еден од најдостапните во Европа.

Истражувањето покажува дека кризата со пристапноста на домувањето станува сè поголем проблем низ континентот. Во некои престолнини, кириите и сметките земаат огромен дел од просечните приходи на граѓаните.

На врвот на листата на најмалку достапни градови за изнајмувачи се наоѓа Лисабон, каде месечните трошоци за наместена гарсониера со комуналии и интернет достигнуваат просечно 1.226 евра, што претставува дури 91,3 проценти од просечната плата во градот. Високи трошоци за домување се забележани и во Варшава, каде истиот тип стан во просек чини околу 1.303 евра месечно, односно повеќе од две третини од просечниот приход на жителите.

Меѓу градовите каде домувањето претставува сериозен финансиски товар се најде и Тирана. Таму киријата и сметките изнесуваат околу 504 евра месечно, што одговара на околу 66,3 проценти од просечната плата. На листата на најмалку достапни престолнини се најдоа и Рим и Белград, каде трошоците за домување заземаат околу 62,6, односно 61,5 проценти од просечниот месечен приход.

Од друга страна, Сараево е оценет како најевтин европски главен град според основните животни трошоци. Просечните месечни расходи за едно лице таму изнесуваат околу 584 евра, додека трошоците за домување со сите основни давачки се околу 337 евра, што е најниска сума меѓу анализираните престолнини.

Подгорица исто така останува меѓу најдостапните европски метрополи, со просечни месечни трошоци за живот од околу 760 евра. Главниот град на Црна Гора нуди умерени цени за домување од приближно 443 евра месечно, како и релативно ниски трошоци за храна, со просечна основна потрошувачка кошничка од околу 110 евра.

Истражувањето заклучува дека разликите во животниот стандард и пристапноста на градовите во Европа стануваат сè поизразени и додека некои престолнини стануваат недостижни за просечните граѓани, други, меѓу кои и Скопје, сè уште нудат значително пониски трошоци за секојдневен живот.

CATEGORIES
Share This