ШОК ВО ХРВАТСКА – „Коцкестите“ се соочуваат со хаос на ЕП 2026
Селекторот на Хрватска, Дагур Сигурдсон, остро ја критикува ЕХФ поради тешкиот распоред и лошите услови

Ракометниот свет, а особено Хрватите, е во шок по низата проблеми со кои се соочува “коцкестата“ репрезентација на Европското првенство 2026. Од сместувањето и превозот, до исхраната и распоредот на натпревари и сè изгледа како да создава непотребни компликации.
Селекторот на Хрватска, Дагур Сигурдсон, денеска упати остри критики кон Европската ракометна федерација (ЕХФ). Наместо на официјалната прес-конференција, тој се одлучи за брифинг со хрватските новинари.
Главната причина за негодување е тешкиот распоред: Хрватска мораше да игра клучни натпревари за полуфиналето два дена по ред, а потоа да патува пет часа на својот единствен слободен ден до Хернинг, Данска, каде ќе се игра финалето. Дополнително, хрватскиот тим е единствениот полуфиналист сместен 40 километри од стадионот, додека другите репрезентации имаат многу подобри услови.
Германскиот селектор, Алфред Гисласон, го поддржа Сигурдсон:
„Тие почнаа подоцна од нас, одиграа два натпревари еден по друг и потоа мораа да патуваат. Распоредот навистина не е идеален, Сигурдсон е во право, жал ми е“, кратко изјави Гисласон.
Данските медиуми, кои внимателно ја следат турнирската атмосфера, исто така известија за реакциите на хрватскиот тренер. Фредерик Јозефсен Карго од ТВ2 опиша:
„Атмосферата на прес-конференцијата брзо стана напната, а тишина владееше додека Сигурдсон ги искажа своите критики. Откако заврши конференцијата, тој стана, ја зграпчи јакната и прв истрча низ вратата.“
ЕХФ, пак, испрати официјален одговор до ТВ2. Федерацијата објасни дека распоредот е договорен со организаторите многу пред почетокот на првенството, со цел да се најде рамнотежа во рамките на достапните термини. „Сите релевантни засегнати страни се вклучени во процесот на донесување одлуки, вклучувајќи го и Комитетот на нациите, кој ги претставува националните ракометни асоцијации“, соопшти ЕХФ. Тие истакнаа дека конечниот распоред им бил познат на сите национални тимови најдоцна од моментот на ждрепката, која се одржува повеќе од шест месеци пред почетокот на турнирот.

