СЕУТА Ѝ ДАДЕ УЛТИМАТУМ НА ШПАНИЈА Имате 30 дена да промените сѐ
Претседателот Хуан Вивас предупредува дека Сеута е во „вонредна состојба“ и најавува обраќање до Врховниот и Уставниот суд доколку Мадрид не преземе итни мерки за мигрантската криза.

Претседателот на шпанската енклава Сеута, Хуан Вивас, ѝ даде рок од 30 дена на шпанската влада да преземе конкретни мерки за справување со мигрантската криза, во спротивно најави дека ќе се обрати до судските и другите надлежни државни институции.
Вивас, по вонредната седница на владата, оцени дека Мадрид не презема доволно решителни чекори за да ја стабилизира ситуацијата во Сеута.
„Во првите денови од август, владата на Шпанија се обиде да ја разубави реалноста, тврдејќи дека ја вратила нормалноста. Потоа следеше речиси целосна пасивност во преземањето мерки“, изјави Вивас, пренесува „Паис“.
Тој изрази сомнеж дека причината за неактивноста можеби е желбата на шпанската влада да не ги наруши односите со соседот, поради што, според него, не реагира со потребната решителност.
„Се надевам дека тоа не е причината, но зборувам од срце. Сеута живее во вонредна состојба“, рече Вивас.
Тој најави дека ќе побара средба со претседателите на Врховниот и Уставниот суд доколку состојбата не се промени, додавајќи дека на централната власт ѝ остава „30 дена да промени сè“.
Според Вивас, по масовниот прилив на мигранти, шпанската влада тврдела дека нормалноста во Сеута била воспоставена за само 48 часа и дека во градот останале околу 2.500 од приближно 80.000 мигранти кои влегле.
Сепак, тој проценува дека бројот на мигранти кои сè уште престојуваат во Сеута е значително поголем и меѓу 8.000 и 10.000 лица.
ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧУВА ВО СЕУТА 49.000 мигранти, 27 жртви и итна реакција на Шпанија

