СЕ КРШИ ОТПОРОТ ВО ЕУ Хрватска кажа дали ќе го блокира шпанскиот предлог
Загреб порача дека нема да се спротивстави на каталонскиот, баскискиот и галицискиот како службени јазици, доколку Советот на ЕУ оцени дека барањето е правно оправдано.

Хрватска нема да се спротивстави на предлогот каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик да добијат статус на службени јазици на Европската Унија, доколку надлежните служби на Советот на ЕУ оценат дека барањето на Шпанија е правно оправдано.
„Хрватска го поддржува принципот на повеќејазичност и културна разновидност во рамките на ЕУ. Според тоа, доколку надлежните служби на Советот на ЕУ оценат дека барањето на Шпанија е оправдано, Хрватска нема да се спротивстави на вклучувањето на каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик на листата на службени јазици на ЕУ“, соопшти хрватското Министерство за надворешни работи во одговор за Хина.
За каталонскиот, баскискиот и галицискиот да станат службени јазици на ЕУ, потребна е согласност од сите 27 земји-членки. Пред донесувањето одлука, правната служба на Советот на ЕУ треба да даде оценка за правните аспекти на предлогот, меѓу другото и дали постојната регулатива за јазиците може да се измени на предложениот начин.
Претходно каталонскиот весник „Ел Периодико“ објави дека Хрватска е меѓу земјите кои се спротивставуваат или имаат резерви кон предлогот. Според весникот, покрај Хрватска, противење или сериозни резерви изразиле и Германија, Финска, Шведска, Франција и Австрија. Хрватското Министерство, сепак, со својот одговор појасни дека Загреб не се спротивставува на предлогот доколку тој биде оценет како правно оправдан.
Шпанската влада во август 2023 година официјално побара каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик да добијат статус на службени јазици на Европската Унија. ЕУ во моментов има 24 службени јазици, меѓу кои и хрватскиот. Каталонскиот го зборуваат околу 10 милиони луѓе, галицискиот околу 2,4 милиони, а баскискиот околу 800.000. Сите три јазици имаат официјален или коофицијален статус во одредени делови на Шпанија.
Покрај правните прашања, предлогот отвора и финансиски дилеми. Европската комисија проценува дека преводот и толкувањето на трите дополнителни јазици би можеле да ја чинат ЕУ околу 132 милиони евра годишно. Правната служба на Советот на ЕУ, пак, проценила дека признавањето на овие јазици би можело да бара и измени на европските договори.
Поддршка за шпанскиот предлог досега отворено или начелно изразиле земји како Белгија, Ирска, Португалија, Романија и Словенија. Сепак, поради потребата од едногласност, конечната одлука останува неизвесна.

