СДСМ СО ПОДДРШКА ЗА ПРОТЕСТОТ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ Филипче со месеци е на терен, имаме конкретен закон

Опозициската партија обвинува за ниски откупни цени и неисплатени субвенции и бара итна финансиска поддршка за земјоделците.

СДСМ СО ПОДДРШКА ЗА ПРОТЕСТОТ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ Филипче со месеци е на терен, имаме конкретен закон
Фото: Национал

СДСМ го поддржува најавениот протест на земјоделците и нивните барања, обвинувајќи ја Владата за, како што наведува партијата, погрешни политики во земјоделството.

Од СДСМ велат дека претседателот на партијата, проф. д-р Венко Филипче, со месеци е на терен и разговара со земјоделците, при што, според нив, незадоволството меѓу земјоделците ширум државата е сè поголемо.

Партијата како главни проблеми ги посочува ниските откупни цени на пченицата и млекото, како и, според нив, неисплатените субвенции за сточарите. Од СДСМ обвинуваат и дека земјоделците се оставени без доволна поддршка од државата и дека дополнителен проблем претставуваат, како што наведуваат, намерите за располагање со земјоделското земјиште и водните ресурси.

Како одговор на барањата на земјоделците, СДСМ посочува дека во Собранието има поднесено предлог-закон за директна финансиска поддршка на најпогодените земјоделци. Предлогот, според партијата, произлегол од средбите на Филипче со земјоделците.

За сточарите се предлага финансиска поддршка од 8.000 денари за секое грло добиток. Мерката би се однесувала на оние кои биле опфатени со програмата за 2025 година и се евидентирани и во 2026 година.

За производителите на пченица СДСМ предлага 5 денари по килограм, независно од тоа дали пченицата е продадена кај регистриран откупувач или е складирана во евидентиран склад. За лозарите се предлага поддршка од 8 денари за секој килограм произведено и продадено грозје од сортите Вранец и Кратошија, како и дополнителни 300.000 денари по хектар евидентиран лозов насад.

Предлог-мерките опфаќаат и производители на пиперка ајварка, како и оризопроизводители. За произведена и продадена оризова арпа кај регистриран откупувач во 2026 година се предлага поддршка од 10 денари по килограм.

Од СДСМ наведуваат дека предложената помош би била дополнителна на редовните директни плаќања и другите мерки предвидени за 2026 година. Според партијата, средствата треба да бидат исплатени преку Платежната агенција најдоцна до 31 декември.

„Заврши времето на декларативни поддршки. СДСМ и Филипче имаат конкретен Закон, ајде поддржете го!“, се наведува во соопштението на СДСМ.

CATEGORIES
Share This