САД ЈА ИЗНЕНАДИЈА ДИПЛОМАТИЈАТА – Гласаа против документ за украинската енергетска инфраструктура
Вашингтон заедно со Русија, Кина и Нигер се спротивстави на документот што ги осудува нападите врз украинската енергетска инфраструктура како закана за нуклеарната безбедност

Соединетите Американски Држави во четвртокот гласаа против резолуција во Одборот на гувернери на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) со која се осудуваат нападите врз украинската енергетска инфраструктура, оценети како ризик за нуклеарната безбедност. Со овој потег, САД се најдоа на иста страна со Русија, Кина и Нигер, потврдија дипломатски извори.
Станува збор за седма резолуција поврзана со Украина од почетокот на руската инвазија пред четири години, но ова е првпат САД да се спротивстават на ваков документ.
Одборот на МААЕ, кој брои 35 земји членки, ја усвои резолуцијата со 20 гласа „за“. Меѓу државите што ја поддржаа се Франција, Велика Британија, Австралија, Канада, Јужна Африка и Аргентина. Десет земји беа воздржани, меѓу кои Бразил, Египет, Мароко и Саудиска Арабија, додека четири држави гласаа против.
Во образложението доставено пред гласањето, САД посочија дека и понатаму ја поддржуваат работата на МААЕ во Украина, но сметаат дека разгледувањето на оваа резолуција во моментот е непотребно и не придонесува за напредок кон мир меѓу Украина и Русија.
Во текстот на документот се наведува дека нападите врз украинската енергетска инфраструктура, која обезбедува електрична енергија за нуклеарните постројки, вклучително и нуклеарната централа Запорожје претставуваат директна закана за нуклеарната безбедност.
Гласањето доаѓа по неодамнешното воздржување на САД во Генералното собрание на Обединетите нации на годишнината од почетокот на инвазијата. Тогаш беше усвоена резолуција со која се поддржува територијалниот интегритет на Украина и се изразува загриженост за нападите врз цивили и критична енергетска инфраструктура.
Таа резолуција беше изгласана со 107 гласа „за“, 12 „против“ и 51 „воздржан“. Американската администрација тогаш оцени дека формулацијата на текстот може да го одвлече вниманието од дипломатските напори за прекин на конфликтот.


