РУСИТЕ ЈАВНО МНОГУ СЕ СИЛАТ – На масата се мирни и флесибилни
Американците и Украинците изненадени од контрастот помеѓу јавната реторика и реалните преговори во Абу Даби

Американските претставници кои учествуваат во преговорите со Русија забележуваат дека руските преговарачи се многу поразумни зад затворени врати отколку што тоа го покажува јавната реторика на Москва, тврдат два извори запознаени со разговорите.
Јавно, Кремљ редовно ги повторува и понекогаш ги зајакнува максималистичките барања кон Украина, вклучувајќи територијални и политички отстапки. Сепак, според американски функционер, ова е дел од долготрајна стратегија:
„Јавно тие поставуваат максималистички барања, но приватните преговарачки тимови имаат флексибилност“.
Украински функционер изјави за Kyiv Independent дека американската страна ги следи преговорите многу внимателно и дури и основната учтивост се смета за позитивен сигнал.
Руската стратегија беше видлива и по посетата на американските претставници во Москва на 22 јануари, кога советникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, рече дека „нема смисла да се надеваме“ на мир без признавање на територијалните претензии на Русија. Слични пораки, понекогаш со поостар тон, издаваа и други руски официјални лица, вклучувајќи го и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Американските претставници ваквите изјави ги толкуваат како дел од јавната стратегија, а не како точен одраз на преговорите.
За време на дводневните трилатерални разговори во Абу Даби на 23 и 24 јануари, комуникацијата се подобрила и се отвори простор за дискусија. Делегациите дури ручале заедно и продолжиле со неформални разговори, создавајќи позитивна и конструктивна атмосфера.
Украина ја претставувале Рустем Умеров и Кирило Буданов, Русија високи функционери на Министерството за одбрана предводени од Игор Костјуков, додека САД ги претставувале Стив Виткоф и Џаред Кушнер, за кого се вели дека има поголемо влијание во делегацијата.
И покрај добрата атмосфера, Русија продолжила со масовни ракетни и беспилотни напади врз украински цивилни цели, но американската страна не ги протолкувала како директна порака против преговорите.
Главната тема на разговорите била деескалацијата и спречувањето на нов конфликт по евентуален крај на војната. Се разговарало и за можен прекин на огнот како чекор кон референдум за територијални прашања, при што претседателот Зеленски инсистира дека таква одлука можат да донесат само украинските граѓани.
Најтешките прашања остануваат Донбас и нуклеарната централа Запорожје. Русија бара повлекување на украинските сили од Донбас, додека Киев одбива, иако се разгледуваат идеи за демилитаризирана или слободна економска зона. Американски предлог за Запорожје предвидува заедничко управување на Украина, САД и Русија, со улога на Меѓународната агенција за атомска енергија, но Киев се плаши дека тоа би ја легитимирало руската окупација.
Следната рунда преговори е закажана за 1 февруари, со Донбас и Запорожје како главни теми. Вашингтон ја поттикнува брзината на процесот, додека Зеленски чека да види дали Русија навистина е подготвена за мир.

