РЕКОНСТРУКЦИЈАТА Е ПРЕД ВРАТА До 1 јули пратениците ќе го видат новиот владин состав
Премиерот најави дека до крајот на јуни ќе бидат затворени кадровските решенија, а новиот состав до 1 јули ќе биде доставен пред пратениците.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека процесот на реконструкција на Владата треба да биде формализиран до крајот на јуни, а пред пратениците новиот состав и кадровските решенија да бидат доставени најдоцна до 1 јули.
По средбата со претставници на коалицијата ВРЕДИ, Мицкоски оцени дека разговорите поминале во позитивна атмосфера, но не откри детали за можните промени и имињата на новите функционери.
„Во интерес на процесот не би зборувал за конкретни кадровски решенија. Се разгледуваат различни опции, вклучително и промени во ресорите. Очекувам многу брзо да го затвориме првиот дел од процесот“, изјави премиерот.
Тој најави дека следуваат разговори и со коалицискиот партнер ЗНАМ, каде ќе бидат анализирани досегашната работа, позитивните резултати, но и слабостите.
Мицкоски посочи дека реконструкцијата нема да се однесува само на централната власт, туку ќе продолжи и на локално ниво. Ќе се разгледува работата на директори на јавни претпријатија, подрачни единици и други структури, со цел, како што рече, да се подобри ефикасноста таму каде што има потреба.
Паралелно со тоа, во втората половина на јули ВМРО-ДПМНЕ ќе започне процес на ажурирање на членството и ново зачленување, кој би требало да трае до крајот на септември.
„Овој процес на реконструкција длабински и суштински ќе промени многу работи“, порача Мицкоски.
Тој додава дека промените треба да бидат завршени до крајот на летото.
Во меѓувреме, министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, изјави дека не разговарал со премиерот за евентуалните промени и дека тоа е право на мандатарот.
Лимани порача дека функционерите треба да бидат насочени кон работа и реализација на проекти од интерес за граѓаните.
„Не сме овде за да бидеме товар, туку да помогнеме и да изградиме проекти што ќе бидат во корист на народот“, изјави Лимани.
Тој додава дека најважно е да се гледа што е сработено во периодот додека биле на функциите.


