РЕЧИСИ 1,8 БИЛИОНИ ЕВРА ЗА СЛЕДНИТЕ СЕДУМ ГОДИНИ Германија се спротивставува на планот на Брисел

Украина, одбраната и конкурентноста се меѓу приоритетите, додека Берлин бара стотици милијарди евра помалку за следниот буџет.

РЕЧИСИ 1,8 БИЛИОНИ ЕВРА ЗА СЛЕДНИТЕ СЕДУМ ГОДИНИ Германија се спротивставува на планот на Брисел
Фото: Принтскрин

Буџетот на Европската Унија за 2027 година ќе изнесува 199,7 милијарди евра, откако земјите-членки и Европскиот парламент постигнаа договор по преговорите што траеја цела ноќ, објави ДПА. Со договорот, Унијата со 27 земји-членки ќе може да ги финансира договорените политики и програми, но и да одговори на актуелните кризи и предизвици, меѓу кои војната во Украина и состојбите на Блискиот Исток.

Буџетот за 2027 година е повисок од приближно 190 милијарди евра планирани за 2026 година.

Договорениот износ се базира на предлогот на Европската комисија, која првично предложи буџет од 199,9 милијарди евра. Меѓу главните приоритети на Брисел за следната година се издвојуваат зајакнувањето на конкурентноста на европската економија, безбедноста, одбраната и поддршката за Украина.

Според заедничката изјава на земјите-членки, договорот треба да ѝ овозможи на Унијата да одговори и на непредвидени околности и нови кризи. Договорот допрва треба официјално да биде потврден од земјите-членки и законодавните институции на ЕУ, но се очекува тоа да биде формалност.

2027 година е последната година од актуелната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ, која го опфаќа периодот од 2021 до 2027 година. Во рамките на овој циклус, првично се предвидени околу 1,1 билион евра, односно околу 1.100 милијарди евра.

Во Брисел веќе се водат преговори за новата повеќегодишна финансиска рамка за периодот од 2028 до 2034 година. На преговарачката маса е предлог-буџет од 1,826 билиони евра. Сепак, меѓу земјите-членки постојат сериозни разлики околу висината на средствата и начинот на нивното трошење.

Еден од најгласните противници на предложениот финансиски пакет е германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој смета дека предложениот износ е неприфатлив. Германија, како најголем нето-придонесувач во европскиот буџет, бара намалување на предложената сума за неколку стотици милијарди евра.

Иако обезбедува речиси една четвртина од средствата на Унијата, Германија истовремено има значителна економска корист од функционирањето на единствениот европски пазар.

Земјите-членки сакаат договор за новиот седумгодишен буџет да биде постигнат до крајот на годината, но поради големите разлики во позициите на државите, таквата цел се оценува како многу амбициозна.

CATEGORIES
Share This