НОВИТЕ ИЗМЕНИ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК НЕМА ДА ВАЖАТ РЕТРОАКТИВНО Старите случаи остануваат по старите правила

Владата ги испрати во Брисел предлог-измените на Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка.

НОВИТЕ ИЗМЕНИ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК НЕМА ДА ВАЖАТ РЕТРОАКТИВНО Старите случаи остануваат по старите правила
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата ги испратила во Брисел предлог-измените на Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка, нагласувајќи дека новите законски решенија нема да се применуваат ретроактивно. Одговарајќи на новинарско прашање, тој појасни дека измените ќе важат за идните случаи, односно за настани и постапки во иднина.

„Овие измени коишто сега ги носиме се за отсега па натаму. И нема да важат ретроактивно“, нагласи Мицкоски.

Премиерот упати остри критики кон поранешната влада на СДСМ и ДУИ, обвинувајќи ги дека со претходните измени на Кривичниот законик, донесени по скратена постапка и со европско знаменце, имале намера да се заштитат од одговорност за криминал и да обезбедат политичка амнестија за поранешни структури на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Мицкоски, претходните законски измени го ослабнале владеењето на правото и институционалната борба против криминалот и корупцијата.

Мицкоски посочи дека лицата за кои постојат сомневања за криминал во периодот на претходната власт и понатаму ќе можат да се повикуваат на поповолниот закон, односно на измените донесени во времето на СДСМ и ДУИ.

Тој додаде дека новите законски решенија ќе важат за актуелната и за идните влади, освен доколку некоја од нив повторно одлучи да ги промени законите.

CATEGORIES
Share This