РАСПУШТЕНА ЕДИНИЦАТА ЗА ДРОГА ВО КУМАНОВО Јанев пресече по само 11 недели
Констатирани недоволни резултати – сите членови се разрешени и испратени на други работни места.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, ја распушти регионалната единица задолжена за борба против нелегалната трговија и дистрибуција на дрога и психотропни супстанции во Куманово, Кратово и Крива Паланка.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека од формирањето на Работниот тим за борба против дрогата поминале 11 недели, но биле констатирани недоволни резултати. По предлог на Јанев, а со одобрение од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, единицата во рамки на криминалистичката полиција при СВР Куманово е распуштена.
Сите досегашни членови се разрешени од единицата и распоредени на други работни места, додека на нивно место се поставени нови полициски службеници.
„Во борбата против криминалот нема простор за работа само на хартија. Потребни се конкретни акции, откриени сторители, запленета дрога и разбиени криминални мрежи. Кога резултатите изостануваат, следува одговорност , без изговори и привилегии“, порача Јанев.
Од БЈБ најавуваат дека ќе продолжат со кадровски и организациски промени секаде каде што ќе биде утврдено неработење или отсуство на конкретни резултати.

