РАКОМЕТАРКИТЕ ПОДГОТВЕНИ – Реванш против Белгија во квалификациите за ЕП

По тесниот пораз на гости, Македонија се обидува да се реваншира пред домашната публик

РАКОМЕТАРКИТЕ ПОДГОТВЕНИ – Реванш против Белгија во квалификациите за ЕП
Фото: Принтскрин

Попладнево, женската ракометна репрезентација на Македонија ќе го игра четвртиот натпревар од квалификациите за Европското првенство.

Во Куманово, македонските ракометарки ќе се обидат да им се реваншираат на Белгијките за тесниот пораз на гостински терен пред три дена (25-26).

На првиот дуел се покажа дека македонските избранички на селекторот Кристијан Грчевски можат да се носат со Белгија и 53 минути имаа предност. Сепак, притисокот и падот на концентрацијата во самиот финиш го направија своето, и тоа е нешто што денеска ќе мора да го коригираат.

Само со победа, македонските ракометарки би ги задржале шансите за пласман на континенталниот собир, особено што по овој дуел ги очекуваат натпревари со фаворитите Германија и Словенија.

Освојувањето на третото место ќе значи дека Македонија може да се најде меѓу четирите селекции од шесте квалификациски групи кои ќе играат на првенството. Затоа, попладнево црвено-жолтите ќе дадат сè од себе и се надеваат на голема поддршка од трибините за првите бодови во групата.

Натпреварот Македонија – Белгија во Куманово започнува во 17 часот.

CATEGORIES
Share This