ПУТИН ЌЕ СТИГНЕ ДО РОТЕРДАМ ДОДЕКА ЕВРОПА СЕ ДОГОВАРА Руте ја отфрли идејата за европска армија
Генералниот секретар на НАТО предупреди дека формирањето дополнителна воена структура покрај националните армии може да предизвика хаос во командувањето, а откри и дека САД и дел од сојузниците го забавуваат членството на Украина во Алијансата.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја доведе во прашање идејата за формирање единствена европска армија, предупредувајќи дека создавањето дополнителна воена структура покрај националните армии и постојните сили на Алијансата може да предизвика сериозни проблеми во координацијата во случај на руски напад.
Говорејќи на 72-та годишна сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Берлин, Руте порача дека не е против идејата за заеднички европски вооружени сили, но смета дека таков проект би имал смисла само доколку европските земји се согласат да ги обединат и националните воени структури.
Според него, паралелното постоење на европска армија и национални вооружени сили би создало преклопување на надлежностите и дополнителни пречки во донесувањето одлуки.
„Мојот став отсекогаш бил дека ако постојат европски вооружени сили, тогаш не можат да постојат национални вооружени сили. Соединетите Американски Држави имаат единствена вооружена сила. Нема посебна армија или морнарица за државите Њујорк или Калифорнија. Постои единствена, интегрирана вооружена сила на Соединетите Американски Држави. Ако Европа успее да го постигне тоа одлично“, изјави Руте.
Сепак, тој изрази сомнеж дека европските држави во блиска иднина би можеле да постигнат такво ниво на воена интеграција.
За да ги илустрира ризиците од дополнителна воена бирократија, Руте посочи хипотетичко сценарио во кое Русија започнува напад врз европска земја, а НАТО, националните армии и евентуалната европска воена структура треба да ги усогласат своите активности. Според неговото предупредување, во таква ситуација би можеле да поминат две до три недели само за да се постигне договор кој каква улога ќе има и кој ќе донесува одлуки.
„Не би советувал сите национални вооружени сили да соработуваат во рамките на НАТО, а заедно со тоа да се создаде голема европска структура. Бидејќи ако Путин нападне, прво ќе ни требаат две до три недели за да се договориме кој што ќе прави, а тој веројатно ќе биде во Ротердам дотогаш, пред да донесеме одлука. Тоа е мојот аргумент“, истакна генералниот секретар на НАТО.
Руте додаде дека сегашната поделба на надлежностите и координацијата меѓу НАТО и Европската Унија се добро регулирани и дека не гледа потреба од создавање дополнителна воена структура што би можела да го усложни одлучувањето.
Идејата за европска армија повторно доби на актуелност во март, кога европскиот комесар за одбрана Андријс Кубилиус оцени дека на Европската Унија ѝ е потребна заедничка воена сила поради намалувањето на американското воено присуство на европскиот континент.
Руте се осврна и на руските безбедносни барања од 2021 година, кои, меѓу другото, предвидуваа ограничување на проширувањето на НАТО и враќање на военото распоредување на Алијансата кон состојбата од 1997 година.
Тој категорично ги отфрли таквите предлози, нагласувајќи дека во НАТО нема земја што би ги сметала за прифатливи.
„Предлозите презентирани од Русија во 2021 година, кои всушност подразбираа враќање на НАТО на границите од 1997 година, се неприфатливи. Нема никој во НАТО кој би го сметал тоа за добра идеја“, порача Руте.
Тој нагласи дека одлуките за распоредување на силите на НАТО можат да ги донесуваат исклучиво земјите-членки на Алијансата, без право на одлучување на трети држави. Овие принципи, според него, ќе бидат важни и за евентуалните суштински преговори со Русија, во кои треба да бидат вклучени и европските земји.
Да потсетиме, во декември 2021 година Москва предложи безбедносни договори со САД и НАТО, барајќи гаранции дека Алијансата нема дополнително да се проширува на исток и дека нема да распоредува дополнителни сили и вооружување во државите што станале членки по 1997 година.
Генералниот секретар на Алијансата призна и дека Соединетите Американски Држави, заедно со неколку други земји-членки, во моментов го забавуваат процесот на пристапување на Украина во НАТО, и покрај претходно усвоените декларации за неповратноста на нејзиниот евроатлантски пат.
„Знаеме дека неколку сојузници, не само Соединетите Американски Држави, туку и други земји, во моментов го забавуваат тој процес“, изјави Руте.
Тој посочи дека прашањето за членството на Украина повторно се разгледува во рамките на преговорите за завршување на конфликтот и обезбедување долгорочни безбедносни гаранции за Киев. Доколку членството во НАТО не биде основа на идната безбедност на Украина, европските земји ќе мора да разработат алтернативни безбедносни гаранции, со поддршка од САД.
Москва, од своја страна, постојано предупредува дека евентуалното членство на Украина во НАТО го смета за директна закана за руската национална безбедност и категорично се противи на таквата можност.

