МЕРЦ ПРИЗНА ИСТОРИСКА ГРЕШКА Ако Украина влезеше во НАТО во 2008 година, можеби немаше да има војна
Германскиот канцелар ја оспори одлуката на Ангела Меркел, која и понатаму тврди дека било исправно Украина да не биде примена во Алијансата.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека била направена сериозна грешка кога на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година не ѝ беше отворен патот на Украина за членство во Алијансата. Според него, доколку тогаш Украина станела членка на западниот воен сојуз, денешната војна можеби ќе можела да биде избегната.
Мерц ова го изјави во понеделникот во Берлин, на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Одговарајќи на прашање дали се согласува со францускиот претседател Емануел Макрон дека е време повторно да се разговара за членството на Украина во НАТО, германскиот канцелар се осврна на одлуката од 2008 година.
„Гледано од денешна перспектива, беше грешка што тогаш не го прифативме предлогот на САД за прием на Украина во НАТО“, порача Мерц.
Тој оцени дека доколку Украина добиела членство во Алијансата, конфликтот што денес ја потресува Европа веројатно можел да биде спречен.
Ставот на Мерц е во спротивност со позицијата на неговата претходничка Ангела Меркел, која и кон крајот на 2024 година ја бранеше одлуката Украина да не добие покана за членство во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година. Во разговор за политичкиот подкаст на германската новинарка Ана Вил, Меркел изјави дека и по дополнително преиспитување смета оти тогашната одлука била исправна.
„Дури и по внимателно разгледување, дојдов до заклучок дека тоа дефинитивно беше правилна одлука и дека за тоа имаше добри причини“, изјави поранешната германска канцеларка.
Како една од причините за таквиот став, таа го посочи фактот дека во тоа време значителен дел од украинското население бил против приклучувањето на земјата кон НАТО.
Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон повторно го актуелизираше прашањето за пристапувањето на Украина во НАТО, оценувајќи дека актуелните околности бараат преиспитување на досегашната позиција. По самитот на Коалицијата на волјата во Берлин, група држави кои ја поддржуваат Украина, Макрон порача дека треба повторно да се отвори дебатата за членството на Киев во Алијансата.
„Со оглед на моменталната ситуација и непопустливоста на Русија, верувам дека мора повторно да го отвориме прашањето за влезот на Украина во НАТО“, изјави Макрон.
Со изјавите на Мерц и Макрон, прашањето за членството на Украина повторно станува една од клучните теми во европските безбедносни дебати, особено во контекст на војната со Русија и идните безбедносни гаранции за Киев.

