ПРОТЕСТЕН МАРШ НА РАБОТНИЦИТЕ – ССМ бара минимална плата од 500 евра

Симболично, учесниците на протестот му завртија грб на Собранието, на повик на Трендафилов, за како што рече, „да почувствуваат пратениците како е кога работник ќе ви заврти грб“.

ПРОТЕСТЕН МАРШ НА РАБОТНИЦИТЕ – ССМ бара минимална плата од 500 евра

Под слоганот за достоинствена плата и почитување на работничките права, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска организираше првомајски протестен марш кој започна пред Работничкиот дом, продолжи пред Собранието и заврши пред Владата на Република Македонија.

Главното барање на синдикатот е зголемување на минималната плата на 500 евра, како и покачување од 100 евра за сите останати плати. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, пред насобраните порача дека борбата за работнички права продолжува сè додека институциите не покажат реална поддршка за работниците.

„Денеска сме на оваа страна од барикадата, ние што бараме плата за достоен живот. Од другата страна се оние што живеат во луксуз – со 79 отсто зголемени плати, субвенции за превоз поголеми од минималецот и бифе поевтино од работничка менза“, изјави Трендафилов.

Симболично, учесниците на протестот му завртија грб на Собранието, на повик на Трендафилов, за како што рече, „да почувствуваат пратениците како е кога работник ќе ви заврти грб“.

ССМ остро реагираше и на неодамнешната измена на законската регулатива која, според нив, овозможува работен ден од 12 часа, нарекувајќи го тоа чекор наназад кон времиња што светот ги оставил зад себе уште во 19 век.

По Собранието, демонстрантите се упатија и кон Стопанската комора, каде што упатија порака до работодавачите: „Не се кријте зад ѕидовите, бидејќи работниците се тие што ви го заработуваат лебот, а за нив не останува ништо.“

Протестот заврши пред Владата, каде што синдикатот побара итно донесување измени на Законот за минимална плата, почитување на колективните договори и изедначување на правата на работниците со оние на пратениците, вклучително и правото на надомест за превоз и храна.

Протестот помина мирно, со силна порака дека синдикатот ќе продолжи да биде на страната на работниците сè додека не се исполнат нивните барања.

CATEGORIES
Share This