ПРОПУСТИТЕ НОТИРАНИ – Ревизија открива сериозни пропусти во заштитата на жените и децата

Трагедијата во Карпош го поттикнува прашањето за институционална одговорност

ПРОПУСТИТЕ НОТИРАНИ – Ревизија открива сериозни пропусти во заштитата на жените и децата
Фото: Принтскрин

Државната ревизија утврди дека македонскиот систем за заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство е сериозно недоволен. Само 43% од предвидените активности од Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција (2018-2023) се реализирани, а повеќе од половина активности останале делумно или воопшто не спроведени.

Засолништата покриваат само 37% од реалните потреби: од предвидените 184 легла, постојат само 67, а многу објекти се нефункционални поради истечени договори или лоша состојба на просториите. Советувалиштата се 11 од потребните 19, со нерамномерна територијална распределба, а цели региони се оставени без никакви услуги.

Програмата за реинтеграција на жртвите е донесена, но без временски рок, јасни цели и мерливи индикатори, што создава ризик од неефикасност.

Податоците на МВР за 2018-2023 покажуваат 6.242 кривични дела поврзани со семејно насилство, 91% од сторителите се мажи, а 79% од жртвите се жени. Центрите за социјална работа евидентирале 6.282 нови жртви во периодот 2020-2023, со благо зголемување низ годините.

Кривичниот законик е усогласен со Истанбулската конвенција во 2023, криминализирајќи родово базирано насилство и третирајќи го фемицидот како квалификувано убиство. Сепак, постојат исклучоци: гонењето за телесна повреда сè уште се врши по предлог на жртвата, што го намалува ефектот на системот.

Националното координативно тело, формирано во 2021 година, требало да следи спроведување на Конвенцијата и меѓуинституционална соработка, но ревизијата утврди дека за четири години одржало само три седници.

ДЗР упати 34 конкретни препораки до Владата, Министерството за социјална политика, Министерството за здравство, МВР и Центрите за социјални работи, но суштински промени не се направија.

Трагедијата во Карпош, каде животот го загубија мајка и шестгодишно дете, повторно го отвори прашањето: ако слабостите биле јасно нотирани, зошто системот не се коригирал навреме? Пропустите во заштитата и поддршката на жртвите не се само статистика и тие имаат директни, трагични последици.

Останува дилемата: дали институциите ќе сносат одговорност за тоа што не постапиле по препораките на ревизијата и не го заштитиле она што требало да биде заштитено?

CATEGORIES
Share This