ПРОМОЦИЈА НА НОВАТА КНИГА НА ПРОФЕСОРОТ БАЧЕВ Корисна литература за постапката и правните основи за поништување на Договорот меѓу Македонија и Грција
Со објавувањето на книгата тријазично: на македонски, руски и на англиски јазик, вистината за Договорот може да се пренесе и во средини надвор од Македонија. Книгата е во функција на разбирање дека сакаме само да бидеме тоа што сме - Македонци од Македонија. И толку!
На 17 јуни 2022 година, во просториите на хотелот Континентал во Скопје беше промовирана новата книга на претседателот на Единствена Македонија, професорот Јанко Бачев под наслов „Меѓународно-правните основи и постапката за поништување на Договорот меѓу Македонија и Грција.
Во оваа книга авторот на еден сеопфатен, аналитички и научно издржан пристап ги обработува меѓународно-правните основи и постапката за поништување на т.н преспански договор. Рецензенти на книгата се професорите Игор Јанев и Јове Кекеновски а еден од промоторите беше и амбасадорот Ристо Никовски.
Рецензентите, а воедно и промоторите беа едногласни во оценката дека со оваа книга е создадена квалитетна правна рамка со научното елаборирање на правните основи и постапката за поништување на т.н преспански договор. Исто така, беше потенцирано дека овој труд е прва книга и своевиден водич за поништувањето на Договорот меѓу Македонија и Грција кој беше оценет како капитулантски и опасен за македонските национални државни интереси и затоа мора да биде поништен.
„Ќе бидам задоволен доколку книгата биде корисна литература за сите оние што сакаат да ја знаат простата вистина дека Договорот е ништовен и мора да се поништи и дека постојат правни основи и постапка како да се стори тоа а кои детално се изложени во книгата. Книгата ја покажува ориентацијата по која треба да се движи некоја идна власт во Републиката со определба за поништување на договорот“ – потенцираше Бачев.
Со објавувањето на книгата тријазично: на македонски, руски и на англиски јазик, вистината за Договорот може да се пренесе и во средини надвор од Македонија. Книгата е во функција на разбирање дека сакаме само да бидеме тоа што сме – Македонци од Македонија. И толку!
Останува да се надеваме дека било која идна власт во Република Македонија ќе пројави намера и храброст да поведе постапка за поништување на Договорот со кој се брише името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ.


