ПРОФИТ ЗА УСЈЕ, БОЛЕСТ ЗА НАРОДОТ – Граѓаните на протест пред „Усје“ против загадувањето

Граѓаните на протест пред цементарницата побараа 24-часовен мониторинг, строги санкции и дислокација на фабриката

ПРОФИТ ЗА УСЈЕ, БОЛЕСТ ЗА НАРОДОТ – Граѓаните на протест пред „Усје“ против загадувањето
Фото: Фејсбук

„Профит за Усје, болест за народот“, „Воздухот отиде у 500 ПМ“, „Дајте ве молам за убави работи да зборуваме“, „Скопје се гуши, државата молчи“ – беа дел од пораките испишани на транспарентите на вечерашниот протест одржан на раскрсницата пред цементарницата Усје во Скопје.

Граѓаните, собрани под слоганот „Стоп за Усје“, побараа итни и конкретни мерки против аерозагадувањето во главниот град. Како симболичен гест, дел од присутните ѝ доделија на цементарницата и „пехар“ за „најдобар загадувач“.

Од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ побараа мерната станица од Кисела Вода, поставена во дворот на цементарницата уште во 2023 година, конечно да се стави во функција, да работи 24 часа и да биде интегрирана во јавните апликации за следење на квалитетот на воздухот.

„Бараме воведување автоматски CEMS мониторинг-систем. Тоа значи дека, доколку мерните уреди на оџаците на Усје регистрираат надминување на дозволените вредности, веднаш да следуваат санкции по примерот на системот ‘Safe City’. Дополнително, бараме Министерството за животна средина да прогласува вонредна еколошка состојба при температурна инверзија и надминување на граничните прагови, со моментален прекин на работата на Усје, вклучително и на рудниците“, порачаа од иницијативата.

Тие побараа и елиминирање на сите високо загадувачки горива од производствениот процес и премин кон почисти алтернативи, како гас или водород, акредитација на државната лабораторија за мерење на загадувањето, укинување на одредбата за „деловна тајна“ од Законот за контрола на индустриски емисии, како и запирање на активностите на рудникот за лапорец во рамки на Усје.

„Цементарницата мора строго и без исклучоци да се придржува до сите обврски од А-интегрираната еколошка дозвола“, нагласија организаторите.

Микрофонот на протестот кружеше меѓу присутните, овозможувајќи секој да изнесе критика, предлог или решение.

„Потребна е доследна примена на законите за сите, без исклучок. Бараме транспарентни мерења, редовни инспекции, јавно достапни податоци и реални санкции кога е загрозено здравјето на граѓаните“, изјави Елена Николова од „Еко-свест“.

Таа посочи дека место за цементарница нема во срцето на главен град, особено во котлина како Скопје, каде циркулацијата на воздухот е ограничена, а загадувачките честички се задржуваат со денови и недели над домовите на граѓаните.

„Современото урбано планирање јасно укажува дека ваквите индустриски капацитети треба да бидат дислоцирани надвор од густо населени средини, со соодветна инфраструктура и контрола, а не да останат товар што граѓаните го плаќаат со своето здравје“, истакна Николова.

Таа додаде дека сегашниот модел на функционирање на Усје ќе стане економски неисплатлив со целосната примена на Механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM), кој ќе воведе реална цена за CO₂-емисиите.

„Производството базирано на високи јаглеродни емисии ќе стане сѐ поскапо и неконкурентно. Наместо навремена трансформација кон почисти технологии и декарбонизација, моменталниот пристап ја изложува фабриката на финансиски ризик, а товарот го префрла врз граѓаните и државата“, нагласи таа.

Неколку часа пред протестот, од „Титан Усје“ соопштија дека нивното работење е под постојан надзор на Државниот инспекторат за животна средина. Според компанијата, последниот инспекциски надзор бил извршен на 18 декември, а ненајавена контрола и на 18 ноември, при што не биле утврдени отстапувања од законски дозволените лимити.

„Фабриката располага со високо ефикасен систем за филтрирање со околу 2.000 филтер-вреќи по филтер, кои ја задржуваат прашината и ја враќаат во производниот процес. Категорично ги отфрламе тврдењата дека филтрите се исклучуваат и тие се составен дел од производната линија“, наведоа од компанијата.

И покрај ваквите тврдења, од „Титан Усје“ додаваат дека не постои директна врска меѓу работењето на цементарницата и загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје. Од друга страна, граѓаните најавија продолжување на протестите и можни блокади сѐ додека, како што велат, не добијат право на чист и безбеден воздух.

Граѓанин на 61-годишна возраст, кој живее во непосредна близина на цементарницата „Усје“, од протестен собир упати јавен повик за масовно вклучување на граѓаните и иницирање референдум за дислокација на фабриката. Тој предупреди дека загадувањето достигнало алармантно ниво и дека повеќе нема време за одлагање и празни ветувања.

Од иницијативата ја поздравија одлуката на Град Скопје да го откаже огнометот за централната новогодишна прослава поради загадениот воздух, оценувајќи ја како редок, но исправен потег. Сепак, тие порачаа дека симболичните мерки не се доволни и дека институциите мора сериозно и системски да се зафатат со решавање на проблемот со загадувањето.

Активистите информираа дека во изминатите месеци спровеле детално истражување за работењето на цементарницата „Усје“, при што, според нив, биле утврдени сериозни индиции за системски проблеми. Тие нагласија дека ваквите случаи не се изолирани и дека слични ситуации се забележани и во други фабрики на компанијата „Титан“ низ светот.

„Доаѓаме до заклучок дека ‘Титан’ е интернационална компанија која не се соочува првпат со вакви обвинувања. Слични примери има и во САД и во Египет. Станува збор за корпорација која, користејќи легални механизми, го оправдува она што го прави. Ова е странски капитал и директори кои директно го загрозуваат здравјето на нашите деца“, изјави активистот Петар Керамитчиев.

Граѓаните порачаа дека доколку институциите продолжат да молчат и да не преземаат конкретни чекори, протестите ќе стануваат сè помасовни и порадикални, сè додека не се донесе јасна одлука за дислокација на фабриката и трајно решавање на проблемот со загадувањето.

CATEGORIES
TAGS
Share This