ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ВОЈНИЦИ КРЕНАА ГЛАС – Кривични пријави против високи армиски структури за злосторничко здружување

Пријавата опфаќа 11 офицери и 3 подофицери, осомничени за злоупотреба на службена положба, злосторничко здружување и несовесно работење

ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ВОЈНИЦИ КРЕНАА ГЛАС – Кривични пријави против високи армиски структури за злосторничко здружување
Фото: НСПВ СО

Независниот синдикат на професионални војници СО информира дека на 20 јануари 2026 година поднесе кривична пријава против 14 припадници на Армијата на Република Македонија, поради сомнение дека организирано и со однапред утврдена намера и цел нанеле материјална штета на припадници на Армијата, како и на државниот буџет.

Против наведените лица е поднесена пријава за сомнение за сторени следните кривични дела:
– Злоупотреба на службена положба и овластување (член 353 од Кривичниот законик),
– Злосторничко здружување (член 394 од Кривичниот законик) и
– Несовесно работење во службата (член 353-в од Кривичниот законик).

Кривичната пријава се однесува на 11 офицери и 3 подофицери на служба во Армијата, и тоа:
– командант на 1. пешадиска бригада со иницијали Д.Ч.,
– тројца вработени во ВП 7925 Петровец со иницијали И.И., З.Т. и М.Т.,
– командант на 2. пешадиски баталјон со иницијали З.С.,
– тројца вработени во ВП 7925/13 Штип со иницијали Т.С., М.Т. и И.А.,
– шест членови на дисциплински комисии вработени во ВП 7925 Штип со иницијали В.А., Ч.Н., Д.Ц., Д.Х., И.С. и С.К.

Во изминатиот период Синдикатот повеќепати апелираше за почитување на правата на припадниците на Армијата и за доследна примена на Законот за служба во Армијата. За жал, овие апели досега не вродија со резултат, а состојбата во која работат професионалните војници станува сè позагрижувачка.

Професионалните војници се работници во Армијата на Република Македонија и мора да бидат третирани со достоинство и почит, а не како лица без основни работнички права.

Во моментов, четворица генерали постапуваат незаконски кон Синдикатот и неговите членови, со цел опструирање и дискриминација на припадниците на Армијата. За секој од овие случаи, Синдикатот најавува поднесување соодветни пријави во наредниот период.

Упатуваме јавен апел до претседателката на Република Македонија и врховен командант на Армијата, г-ѓа Гордана Силјановска-Давкова, да ги преиспита одлуките за унапредувања во генералски чинови и поставувања на одговорни воени позиции, особено кога станува збор за лица кои го нарушуваат достоинството и честа на професионалните војници.

Како синдикат, речиси три години се соочуваме со постојани опструкции и од воените авторитети и од раководството на Министерството за одбрана, поради нашата борба за подобри работнички права, повисоки плати и подобри услови за работа.

Ова е петта кривична пријава по ред поднесена против вработени во Министерството за одбрана и Армијата. Очекуваме Основното јавно обвинителство да покаже поголем интерес и сериозност во постапувањето по овие пријави.

Јасно порачуваме: нема да застанеме тука.

CATEGORIES
Share This