ПРОДОЛЖУВА РАСПРАВАТА ЗА БУЏЕТОТ ВО 2026 ГОДИНА – Предложени 200 амандмани денеска одбиен шест
Денешната расправа на Комисијата се однесуваше главно на амандмани од областа на социјалната политика.

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска го одржа шестиот ден од расправата по амандманите за Предлог-буџетот за 2026 година. Во текот на денешната седница беа разгледани осум амандмани, но ниту еден не доби поддршка, при што најголем дел се однесуваа на социјалната политика.
Амандманите поднесени од СДСМ беа насочени кон обезбедување средства за капитални инвестиции во социјалната заштита, вклучувајќи изградба на домови за стари лица и дневни центри, трансфери кон заштитните друштва, зголемување на месечниот надоместок за права од социјална заштита за 10% во 2026 година согласно Законот за социјална заштита и Законот за социјална сигурност на стари лица, како и средства за инфраструктурни проекти во локалните самоуправи, вклучувајќи започнати објекти од 2025 година и нови проекти за детска заштита во 2026 година.
Од друга страна буџетот за власта е реален и развоен.
„Буџетот за 2026 година е реален, развоен и секоја ставка е многу внимателно проектирана. Растот е проектиран на 3,8 проценти, а буџетскиот дефицит на 3,5 отсто од БДП, што е согласно определбата за фискална консолидација, изјави минатата недела министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Амандманската расправа ќе продолжи попладне, по завршувањето на работната средба на тема „Насилство врз жените во политиката и изборите – Линија „Биди безбедна“, локални избори 2025: предизвици и понатамошни чекори“, организирана од Клубот на пратенички во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) – Канцеларија Скопје и Центарот за интернет, развој и добро управување.
За Предлог-буџетот се поднесени околу 200 амандмани. Проектираниот економски раст изнесува 3,8%, инфлацијата 2,5%, а буџетскиот дефицит 3,5% од БДП. Државата планира вкупни приходи од 374,7 милијарди денари, вкупни расходи од 413,9 милијарди денари и капитални инвестиции од 40,5 милијарди денари.
Пленарната седница на која ќе се разгледува Предлог-буџетот за 2026 година, според најавите, е закажана за 9 декември.

