ПРОБЛЕМИ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ – Доцнења на летови од и кон Скопје поради временски услови
Патниците се советуваат да го следат официјалниот веб-сајт за ажурирани информации

Намалената видливост во скопската котлина денеска предизвика пореметувања во авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје. Дел од летовите се реализираат со доцнење, а еден лет е целосно откажан. Временските услови влијаат и на слетувањата и на полетувањата.
Кај пристигнувањата, најголемо доцнење има летот на „Пегасус“ од Истанбул (Сабиха Гокчен), кој наместо во 09:55 се очекува да слета во 11:25, со час и половина задоцнување. Летот на „Виз Ер“ од Дортмунд се очекува со половина час доцнење. Најтешка е ситуацијата со летот на „АЏет“ (AJet) од Истанбул, кој беше планиран да пристигне на пладне, но е откажан. Летовите од Нирнберг, Фридрихсхафен и Виена засега се реализираат според распоредот.
Доцнења се забележани и кај полетувањата од Скопје. Летот на „Виз Ер“ за Париз (Бове), планиран за 12:25, ќе полета во 13:00, додека летот на „Туркиш Ерлајнс“ за Истанбул, наместо во 13:00, е одложен за еден час и 20 минути и ќе полета во 14:20.
Аеродромот ги советува патниците редовно да ја следат официјалната веб-страница за најнови информации, иако се очекува временските услови да не предизвикаат сериозни проблеми во текот на денот.


