ПРИЛОГ КОН ОТВОРЕНОТО ПИСМО НА ЕПИСКОПОТ ЈАКОВ Каде е принципот? Каде е образот? – се бара оставка од Јаневска
По барањето на Епископот Јаков за оставка на министерката за образование, следува нова жестока реакција во која се критикуваат политиките и состојбите во македонскиот образовен систем.

Отвореното писмо на епископот Јаков до министерката за образование и наука Весна Јаневска, предизвика реакции во јавноста. Кон ставовите изнесени во писмото се приклучува и Државниот просветен инспектор во пензија, Ѓорѓи Илиевски, кој со својот прилог дополнително ги образложува прашањата и забелешките поврзани со состојбите во македонскиот образовен систем.
Во продолжение го објавуваме прилогот на Ѓорѓи Илиевски:
На ден 6 септември 2026 година, на веб порталите Тивериопол и Религија беше објавено Отворено писмо од Епископот Јаков до министерката за образование Јаневска. Како долгогодишен аналитичар на состојбите во образованието на Република Македонија и пред се со долгогодишно работно искуство во Министерството за образование и наука, одлучив да придонесам и да дадам прилог кон отвореното писмо на почитуваниот и достоен Епископ Јаков.
Долги години во опозиција редовно бев присутен во јавноста и секогаш со сериозна основа ги критикував состојбите во областа на образованието во периодот на владеење на СДСМ и ДУИ! Бев и физички нападнат при извршување на својата службена должност.
Заштита и поддршка не добив од надлежните институции. Тоа беше логично и очекувано за мене, затоа што на власт беа функционери опијанети од моќта на удобните функционерски фотелии. Да, со СДСМ и ДУИ во коалиција тоа беше нормално, односно ненормалното беше нормално и од нив се знаеше што може да се очекува. Во тој период објавив неколку книги, покрај бројните колумни во кои укажував на сите образовни патологии. Да, се изразувам со зборови кои се блиски на актуелната и моќна министерка Јаневска. Зошто?
Затоа што во јавноста од мои блиски сопартијци се повеќе го слушам следното: постојат две министерки кои секогаш ќе бидат заштитени и што и да направат никогаш нема да бидат сменети до крај на мандатот на Владата. Тоа биле министерката за образование и наука Весна Јаневска и уште една министерка…..! За што се толку заслужни не ми е познато, но очекувам времето да го даде одговорот.
Можеби грешам со моите ставови, но дај Боже да не грешам. Дотолку повеќе што после отвореното писмо на почитуваниот Епископ Јаков, се повеќе сум убеден дека не грешам и дека сум на прав пат за доброто на Македонија.
Но, да се вратам на почетокот…
И јас како и многу во времето на опозиција на ВМРО ДПМНЕ бевме на иста линија со Весна Јаневска во однос на проблемите во образовниот систем на државата. Никогаш не бевме со различни ставови, а пред се никогаш со спротивставени ставови. И секогаш во тој период партијата добиваше поени кај македонските граѓани. Отворив многу афери во образованието, многу криминали, образовен криминал и многу штета за иднината на младите.
После победата на парламентарните избори за министер за образование и наука беше поставена Весна Јаневска. Очекував дека ќе ги земе во вид моите откриени образовни криминали, за што и на почетокот коректно и праќав сугестии. На мое изненадување, почнаа да се случуваат неочекувани активности.
Сите оние кои ги креираа образовните политики ги задржаа своите позиции и министерството и со нив до денес успешно соработува министерката. Ќе се согласите дека за реформи се потребни луѓе кои не биле инволвирани во процесите кои беа критикувани од самата министерка за образование кога таа беше во опозиција.
Чудно, неколку пати и пишував лично на министерката и тоа го објаснив во неколку колумни, но молк од неа. Јас за неа бев пензионер, а притоа заборави дека таа од пензионерка дојде за министерка. Дури и на состаноци на партиската комисија таа министерка коментирала дека еве како нејзин близок сопартиец сум ја напаѓал? Зарем е тоа нормално?
Јас зборувам за образовни реформи, критикувам кога тоа е потребно за добро на образованието и рејтингот на министерството. Но, еве добив осуда од министерката. Тоа кажува колку ја ценат во комисијата за образование на партијата!
На чело со Гордана Лажетиќ, Владо Камбовски, Марјан Ѓуровски и плејада од 60 професори, направивте закони за високото образование со кои ќе ја направите најголемата сеча во образовнието. Вие сте жена министерка која покажува осветољубиви желби! Вие јавно се фалите како затворате институции, како поништувате дипломи без конечна судска одлука, како сакате да нема редовни професори, туку доцентите до смрт да останат доценти, многу биле редовни професори, нема да постојат насловни звања кои беа единствената врска со стопанството…
Вие може слободно да се самопрогласите за МИНИСТЕРКА НЕ! За вас гордост е да излезете пред тв и кажувате вести со негативна конотација. Дотолку го налутивте образовниот сектор верувајте што тој револт на следните избори ќе излезе на виделина.
Во средното образование прв пат во историјата професорки со авторитет си даваат оставки затоа што единиците стануваат преку ноќ позитивни оценки. И тоа не е важно за вас. Некој неписмен од вашиот кабиент се јавил кај професорката и само сакал да праша за што се работи. Не ми се верува. И толку од тебе министерке може да се очекува.
Во основното образование за прв пат во историјата ќе се запамети најголем број на затворени училишта. И сето тоа во ваше време. Можеби и се гордеете со тоа. Во спротивно ќе си поднесовте оставка.
Па ќе ја прашам исто како и Епископот Јаков: Ако тогаш знаевте што правите, дали Ви е јасно што правите денес? Ако денес знаете што правите, што беше она тогаш? Ако ставовите се менуваат со столчето, со функцијата и со партиската потреба, тогаш каде е принципот? Каде е образот? Каде е она едно лице со кое човек треба да излезе пред Бога?
Ве замолувам да го посетите ФБ профилот на Тивериопол. Приземјете се и прочитајте ги коментарите на граѓаните. Илјадници повици за ваша оставка. Дали планирате да ги игнорирате? До толку ви е важна функцијата? Не се правете глува пред граѓаните.
Конечно, ќе завршам како што заврши и почитуваниот и достоен Епископ: Но и Христовата грижа за децата. Кој Самиот заради нас се роди како дете и вели: “А кој соблазни едно од овие мали, кои веруваат во мене, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морската длабочина” (Матеј 18,6)“.

