ПРЕСВРТ ВО КИЕВ Зеленски го избира новиот премиер – четири имиња во игра
По најавената оставка на Јулија Свириденко, четворица високи украински функционери се споменуваат како можни наследници, а Зеленски денес треба да разговара со кандидатите.

Извршниот директор на „Нафтогаз“ и „Укрнафта“, Сергеј Коретски, украинскиот министер за енергетика Денис Шмихал, министерот за дигитална трансформација Михајло Федоров и градоначалникот на Харков, Игор Терехов, се меѓу најсериозните кандидати за нов премиер на Украина, објави „Украинска правда“, повикувајќи се на свои извори. Информацијата доаѓа откако актуелната премиерка Јулија Свириденко потврди дека ќе поднесе оставка.
Според весникот, украинскиот претседател Володимир Зеленски во текот на денот треба да одржи разговори со потенцијалните кандидати. Медиумите веќе објавија дека Зеленски се сретнал со Сергеј Коретски, кој му поднел извештај за состојбата во енергетскиот сектор. На средбата, како што соопшти украинскиот претседател, било разговарано за мерките неопходни за зајакнување на отпорноста на Украина и за спроведување на обновената државна стратегија.
Свириденко претходно потврди дека ќе се повлече од премиерската функција, откако Зеленски најави реконструкција на владата, објави „Киев Индепендент“.
Таа изјави дека со претседателот разговарала за клучните предизвици со кои се соочува Украина, како и за потребните промени за поефикасно функционирање на Владата и за унапредување на соработката со меѓународните партнери.
Во објава на Фејсбук, Свириденко порача дека останува подготвена да продолжи да ѝ служи на Украина и во иднина, извршувајќи должности насочени кон заштита на националните интереси, зајакнување на државата и нејзино приближување кон праведен и траен мир.


