ИРАН ГО ВОЗВРАТИ УДАРОТ Ракети и дронови кон четири држави, Техеран тврди дека погодил американски цели
Техеран соопшти дека нападнал американски воени цели во Јордан, Кувајт, Оман и Катар, додека локалните власти известуваат за пресретнати ракети, ограничена материјална штета и неколку повредени.

Иран рано утрово изврши ракетни и беспилотни напади кон Јордан, Кувајт, Оман и Катар, кои, според иранските власти, претставуваат одговор на неодамнешните американски напади. Со ова дополнително се зголемуваат тензиите во регионот и се доведува во прашање договорот за прекин на огнот меѓу завојуваните страни.
Иранскиот корпус на Исламската револуционерна гарда соопшти дека во нападите биле погодени повеќе американски воени цели во регионот. Според нивните тврдења, во Јордан бил уништен командно-контролен центар и хангари за беспилотни летала, во Кувајт бил таргетиран американски радар, во Оман биле нападнати платформи за логистичка поддршка и полнење гориво на американски носачи на авиони, додека во Катар биле погодени центар за одржување на авиони и команден објект. Овие информации ги пренесе „Тајмс оф Израел“, но засега нема независна потврда за обемот на штетите.
И покрај претходните закани дека ќе го нападне Израел доколку продолжат американските операции, Иран досега не презеде таков чекор.
Од јорданската армија соопштија дека три ракети истрелани од иранска територија паднале на неколку локации во земјата во раните утрински часови. Според официјалното соопштение, нема човечки жртви, а причинета е ограничена материјална штета.
Кувајтските вооружени сили соопштија дека успешно пресретнале непријателски воздушни цели во кувајтскиот воздушен простор. Во меѓувреме, властите во Катар информираа дека три лица, меѓу кои и едно дете, биле повредени од шрапнели што паднале по нападот врз земјата.


