ПРЕД СПОМЕНИКОТ ВО КАТЛАНОВСКА БАЊА Оддадена почит на илјадници борци на ДАГ тајно лекувани во Македонија, многумина никогаш не се вратиле дома

Одбележана традицијата на чествување на ранетите и загинатите Македонци и Грци борци од Грчката граѓанска војна.

ПРЕД СПОМЕНИКОТ ВО КАТЛАНОВСКА БАЊА Оддадена почит на илјадници борци на ДАГ тајно лекувани во Македонија, многумина никогаш не се вратиле дома
Фото: Принтскрин

Во организација на Форумот за човекови права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – „Македон“, беше одржано традиционално чествување во чест на ранетите и загинатите Македонци и Грци – борци на Демократската армија на Грција (ДАГ), пред споменикот во Катлановска Бања.

Чествувањето беше посветено на сеќавањето на борците на ДАГ кои за време на Грчката граѓанска војна биле ранети, лекувани или ги загубиле животите на територијата на тогашна Југославија. Во рамките на помошта што Југославија им ја обезбедувала на борците на ДАГ било и прифаќањето и лекувањето на ранетите. Уште во ноември 1946 година, доктор Јован Бијелиќ, првоборец и началник на санитетската служба на УДБА, добил специјална и доверлива задача да организира лекување и рехабилитација на ранетите борци на ДАГ.

Почетоците биле особено тешки, а работата започнала на планината Осогово. Покрај организацијата на лекувањето, доктор Бијелиќ бил задолжен и за санитетското снабдување на единиците на ДАГ. Според неговите сведоштва, во период од околу три години, во стационарите што ги организирал биле лекувани приближно 9.000 ранети борци.

Во текот на 1948 и 1949 година, ранетите Македонци и Грци – припадници на ДАГ, биле лекувани и во тајната болница во Јасеново. Претходно, ранетите борци биле згрижувани во болници на планината Осогово и во Катлановска Бања.

Раде Гогов – Црноречки, офицер на УДБА и еден од организаторите на болницата во Јасеново, сведочел дека објектот бил изграден за околу три месеци, од март до јуни 1948 година. Гогов бил задолжен за организацијата на целокупната акција за згрижување на ранетите борци на ДАГ.

Болницата ја градело градежното претпријатие „Бабуна“ од Титов Велес, кое во тоа време немало доволно работници и градежни капацитети. Поради тоа биле ангажирани околу сто работници – германски воени заробеници, како и десетина трофејни камиони и дополнителен градежен материјал, главно од Србија.

Според наводите на Гогов, низ болниците во кои биле згрижувани ранетите поминале вкупно 6.316 борци на ДАГ. Многумина од нив им подлегнале на повредите, а нивните гробови останале необележани и без можност за христијански помен.

Покрај потешко ранетите, полесно повредените борци биле лекувани и во импровизирани болници во селата, како и на планините Кајмакчалан, Кожув и Пајак Планина.

Според доктор Јован Бијелиќ, оваа активност траела до околу септември 1949 година. Тоа било период на големи политички промени, кога, по судирот со земјите од Информбирото, Југославија на чело со Јосип Броз Тито постепено се свртувала кон Запад.

Во тој контекст, во јули 1949 година била затворена границата кон Грција, со што завршува и еден значаен период во кој територијата на Југославија служела како место за лекување и згрижување на голем број ранети борци на ДАГ.

CATEGORIES
TAGS
Share This