ДАТА-ЦЕНТАРОТ ГИ СКАРА ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ Европска обврска или тендерски апетити

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека проектот е дел од Реформската агенда со ЕУ, а СДСМ возвраќа дека станува збор за „спин“.

ДАТА-ЦЕНТАРОТ ГИ СКАРА ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ Европска обврска или тендерски апетити
Фото: Принтскрин

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ влегоа во нова политичка пресметка околу изградбата на национален дата-центар, при што двете партии изнесоа спротивставени тврдења за неговата поврзаност со Реформската агенда на Македонија со Европската Унија.

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска изјави дека изградбата на национален дата-центар е дел од обврските преземени во рамки на Реформската агенда со ЕУ. Според него, Македонија има потреба од примарен национален дата-центар во кој централизирано би се чувале податоците на државните институции.

Лефков посочи дека државата веќе има дата-центар во Прилеп, но тој има секундарна улога и служи како резервна локација во случај на технички проблеми или сајбер напади.

„Сега секоја институција наоѓа начин како ќе ги чува своите податоци. Затоа на Македонија ѝ треба основен, примарен, национален дата-систем за чување на сите податоци од сите институции“, изјави Лефков.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека проектот е предвиден во Реформската агенда, со финансиска поддршка од Европската Унија, и дека негова цел е подобрување на безбедноста и заштитата на државните податоци, особено во услови на зголемени сајбер закани.

Како пример, Лефков го посочи сајбер нападот врз системот на Фондот за здравствено осигурување во периодот на претходната власт, поради кој, како што рече, биле нарушени одредени услуги за граѓаните, вклучително и исплатата на породилно отсуство и повратот на средства за лекови.

Од СДСМ, пак, жестоко реагираа и го обвинија ВМРО-ДПМНЕ за манипулација со европските обврски.

„Каква лага на ВМРО и Мицкоски. Каква врска има дата-центарот со Реформската агенда?“, прашуваат од СДСМ, оценувајќи дека тврдењето на Лефков претставува „класична манипулација“.

Од опозициската партија велат дека Реформската агенда требало да биде завршена до 1 јуни, рок за кој, како што посочуваат, премиерот Христијан Мицкоски самиот ветил дека ќе биде испочитуван. Според СДСМ, наместо реализација на преземените реформи, власта сега се обидува изградбата на дата-центар да ја претстави како „европска обврска“.

Од СДСМ дополнително прават разлика меѓу националниот дата-центар за чување податоци на државните институции и дата-центарот кој Владата го најавува во контекст на странски инвеститор.

„Што има заедничко националниот дата-центар за чување на податоци на државните институции со дата-центарот што Мицкоски го најавува за некој странски инвеститор, со огромна потрошувачка на струја и вода? Апсолутно ништо“, велат од СДСМ.

Партијата смета дека станува збор за две различни работи и го обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека намерно ги меша јавните обврски со приватните дата-центри за да ја оправда, како што наведуваат, вистинската намера – државните ресурси да бидат ставени во функција на приватни интереси.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрлаат критиките на СДСМ и оценуваат дека развојот на дата-центри е дел од процесите на дигитализација, сајбер-безбедност и заштита на податоците.

Полемиката меѓу двете најголеми партии продолжува со спротивставени толкувања околу тоа дали националниот дата-центар претставува конкретна обврска од Реформската агенда со ЕУ или, како што тврди СДСМ, се користи како политички аргумент за оправдување на проект поврзан со приватни инвестиции.

CATEGORIES
Share This