ПОРТУГАЛИЈА ВО ХАОС ПО ПАДОТ ОД ШПАНИЈА Сите го вперија прстот кон Роналдо и Мартинез

Португалските медиуми жестоко го нападнаа Роберто Мартинез и отворија прашање дали е време за крај на ерата на Кристијано Роналдо.

ПОРТУГАЛИЈА ВО ХАОС ПО ПАДОТ ОД ШПАНИЈА Сите го вперија прстот кон Роналдо и Мартинез
Фото: Принтскрин

Елиминацијата на Португалија од Светското првенство предизвика големо разочарување кај тамошната јавност. Репрезентацијата беше поразена од Шпанија со 1:0 во осминафиналето во Далас, откако Микел Мерино постигна гол во 91. минута.

По неуспехот, најголемите критики во португалските медиуми се насочени кон селекторот Роберто Мартинез и капитенот Кристијано Роналдо. За дел од јавноста, ова е моментот кога треба да започне нова ера во националниот тим.

„А Бола“ објави остар текст во кој порача дека е време да се затвори циклусот со Роналдо, оценувајќи дека Португалија со Мартинез на клупата не ги исполнила очекувањата.

Медиумот го критикуваше изборот на составот и одлуката Гонсало Рамош да остане на клупата, додека Роналдо добиваше место во стартниот тим. Според нив, Португалија играла без доволно храброст и не успеала да го оправда големиот потенцијал со кој располагала.

„Време е да свртиме нова страница. Циклусот на Роберто Мартинез завршува без голема слава, а Португалија мора да бара нов правец“, наведува „А Бола“, кој како можен наследник го споменува Жорже Жесус.

Критики имаше и за Португалската фудбалска федерација, која според медиумите создала преголеми очекувања кај навивачите, најавувајќи дека оваа генерација може да стигне далеку.

Роналдо, пак, по елиминацијата потврди дека ова било негово последно Светско првенство. 41-годишниот напаѓач изјави дека заминува со чиста совест и дека дал максимум за националниот тим.

„Дадов сè од себе. Освоив три титули со Португалија. Пред мене, репрезентацијата немаше освоено трофеј. Најголемата титула за мене е Европското првенство во 2016 година и таа има вредност како Светско првенство“, изјави Роналдо.

Португалската легенда зад себе остава историски бројки. Тој одигра 233 натпревари за репрезентацијата, постигна 146 голови и запиша 46 асистенции. На светските првенства настапи на шест турнири, одигра 27 натпревари и постигна 11 гола.

Со Португалија освои Европско првенство во 2016 година и две титули во Лигата на нации. По последниот натпревар на Мундијалот, Роналдо го напушти теренот во солзи, но порача дека нема да носи одлуки во момент на разочарување.

„Сега имам време да размислам, да бидам со семејството и потоа ќе продолжам со мојот живот“, рече Роналдо.

CATEGORIES
Share This