ПОЛОВИНА ОД ВОЗАЧИТЕ НЕ САКААТ ДА ВОЗАТ Камионите пред ЕУ, транспортерите со последно предупредување
Седум месеци нема решение за престојот на македонските возачи во Шенген-зоната – од „Макам-транс“ најавуваат радикализација ако проблемот итно не се реши.

Македонските транспортери денеска во 12 часот блокираа една од најфреквентните крстосници во Скопје, пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија, во знак на протест поради ограничувањата со кои се соочуваат при престојот во земјите од Шенген-зоната. Пред Делегацијата на ЕУ беа паркирани дваесетина камиони, кои согласно најавата на асоцијацијата „Макам-транс“ останаа до 14 часот.
Од „Макам-транс“ порачаа дека денешната блокада е предупредување дека, доколку итно не се најде решение за проблемот со престојот на македонските возачи во Шенген, ќе следува радикализација на протестите. Проблемот се однесува на правилото според кое македонските возачи, исто како и останатите граѓани од земји надвор од ЕУ, можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во период од 180 дена. Транспортерите бараат посебно решение бидејќи нивната работа подразбира континуиран престој и движење низ европските земји.
Денешниот протест е дел од координирана акција со транспортери од регионот, при што идентични протести се одржуваат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Генералната секретарка на „Макам-транс“, Биљана Муратовска, изјави дека проблемот трае веќе седум месеци и дека септември е клучен период за негово решавање.
„Бидејќи септември е почеток на работите сакаме да испратиме јасна порака да се направи нешто. На 1 септември се очекува да има средба на претставници на сите земји од Шенген-зоната, на која бараме на дневен ред да биде и нашето прашање“, посочи Муратовска.
Од „Макам-транс“ предупредуваат дека состојбата сериозно го погодува транспортниот сектор. Според нив, околу половина од возачите во моментов одбиваат да возат поради страв од санкции, како и поради различното толкување на правилата на одделни гранични премини.
Министерството за транспорт соопшти дека целосно го разбира проблемот со кој се соочуваат македонските транспортери и дека континуирано работи на изнаоѓање решение. Од Министерството посочуваат дека во рамките на своите надлежности работат на склучување билатерални договори со земји членки на Шенген-зоната, со цел изнаоѓање практично решение за македонските возачи.
Досега, според Министерството, вакви договори се склучени со Швајцарија, Хрватска и Романија, додека интензивно се разговара и со Австрија и Германија. Во септември се очекува средба на високо ниво со австриската влада, а во октомври и со Словенија, со цел да се постигнат договори и со овие земји за издавање долгорочни визи за македонските транспортери.
Од Министерството објаснуваат дека, бидејќи станува збор за правила што се применуваат во Шенген-зоната, можностите на македонските власти се ограничени. Според нив, во моментов најсоодветниот начин за надминување на проблемот е преку билатерални договори со одделни земји членки. Целта е со договорите да се опфатат најважните транспортни рути и земјите низ кои најчесто се движат македонските транспортери.
„Транспортната дејност е двигател на македонската економија и од тие причини сметаме дека дејноста не треба да запре да работи“, велат од Министерството за транспорт, додавајќи дека продолжуваат да бараат дополнителни решенија за проблемот.

