ПОЛИЦИЈАТА НА НОЗЕ – Серија случаи на семејно и врсничко насилство
Закани, физички напади и полициски интервенции во Скопје, Струмица и Крива Паланка.

Во текот на вчерашниот ден, полицијата во Скопје евидентирала четири инциденти во кои се инволвирани малолетници, меѓу кои и случаи на врсничко насилство.
Во општина Карпош, малолетник со тврди предмети нападнал полициски службеник додека извршувал службени задачи. Во населбата Драчево, пак, бил пријавен физички напад врз малолетно лице. Дополнително, скопјанка пријавила дека нејзиниот малолетен син во текот на овој и изминатиот месец бил вербално вознемируван во автобус од група од четворица малолетници.
Случај на напад врз малолетник е регистриран и во селото Зелениково, во истоимената општина. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите инциденти.
Во изминатите 24 часа, на ниво на државата се регистрирани и седум случаи на семејно насилство. Две лица се лишени од слобода, додека со три лица е извршен службен разговор.
Во Струмица, приведен е 38-годишен маж поради агресивно однесување кон сопругата, додека во Крива Паланка, 34-годишник е лишен од слобода поради физички напад и упатени закани кон неговата сопруга.
Пријави за закани и насилство има и во Велес и Штип. Во Скопје, на подрачјата на Ѓорче Петров, Кисела Вода и Шуто Оризари, полицијата извршила службени разговори со лица пријавени за физички напади и закани кон членови на нивните семејства.
Надлежните институции продолжуваат со постапките за расчистување на случаите, по што ќе следуваат соодветни пријави.
