ПОЧИНА ВЕДРАНА РУДАН Заминав на подрачје без сигнал, писателката која никогаш не молчеше

Хрватската авторка почина на 76 години по борба со агресивен рак. Зад себе остави книги, колумни и остри ставови со кои со години ја провоцираше и освојуваше јавноста.

ПОЧИНА ВЕДРАНА РУДАН Заминав на подрачје без сигнал, писателката која никогаш не молчеше
Фото: Принтскрин

Хрватската писателка, новинарка и колумнистка Ведрана Рудан почина на 76-годишна возраст. Веста за нејзината смрт беше објавена на нејзината официјална страница со кратка, но симболична порака: „Ведрана замина на подрачје без сигнал“.

Рудан е родена во Опатија на 29 октомври 1949 година и со децении беше препознатлива по својот остар, директен и провокативен стил. Без многу задршка пишуваше за политиката, општеството, медиумите, бракот, семејството, жените, староста и смртта, често предизвикувајќи жестоки реакции во јавноста.

Минатата година, во март, Рудан гостуваше во емисијата „Недељом у 2“ кај Александар Станковиќ, каде што отворено зборуваше за тешката болест со која се соочуваше. Тогаш откри дека боледува од исклучително агресивен рак на жолчните канали, заболување кое тешко се открива.

На крајот од емисијата таа порача дека има многу луѓе кои ја сакаат и дека таа ги сака нив, додавајќи: „Јас сум бесмртна“. Токму тогаш ја кажа и реченицата која сега добива поинакво значење – нејзината смрт да биде сфатена како „заминување на подрачје без сигнал“.

Од наставничка до една од најпознатите хрватски писателки

Рудан завршила хрватски и германски јазик на Педагошката академија во Риека. Во текот на животот работела како наставничка, туристички водич, новинарка, уредничка во Хрватското радио и телевизиска водителка. Како писателка пошироко се афирмираше во почетокот на 2000-тите. Нејзиниот прв роман „Уво, грло, нож“ беше објавен во 2002 година и веднаш го привлече вниманието со суровиот јазик, црниот хумор, иронијата и силната општествена критика.

Во своите книги Рудан често обработуваше теми како семејните односи, насилството врз жените, бракот, сексот, стареењето, смртта, национализмот, политиката, Црквата, сиромаштијата и лицемерието во општеството. Меѓу нејзините најпознати романи и книги се „Љубов на последен поглед“, „Црнци во Фиренца“, „Дабогда те мајка родила“, „Костури од округот Медисон“, „Амаруши“, „Маж во грлото“, „Танц околу Сонцето“ и „Доживотна робија“.

Голем дел од нејзиниот книжевен опус го сочинуваат и колумни и полемички текстови. Познати се и книгите „Јас неверничката“, „Кога жената е курва / кога мажот е педер“, „Страв од плетење“, „Во земјата на крвта и идиотите“, „Зошто пцујам“, „Живот без крлежи“, „Пудинг од ванила“ и „Да се умре без стрес“.

Нејзините текстови беа објавувани во познати хрватски медиуми, меѓу кои „Ферал Трибјун“ и „Национал“, а подоцна и на нејзиниот блог. Дел од нејзините книги беа преведени на повеќе јазици, а според нив беа создадени и драмски претстави во Хрватска и во странство.

Во последните години Рудан сè почесто пишуваше за болеста, стареењето и минливоста на животот. Сепак, до самиот крај го задржа препознатливиот стил – кратки реченици, иронија, црн хумор, остар јазик и целосно личен поглед кон светот.

Со нејзиното заминување хрватската книжевна и јавна сцена остана без една од своите најгласни, најдиректни и најконтроверзни авторки.

CATEGORIES
Share This