ПОЧИНА САМКА ИБРАИМОВСКИ Поранешен пратеник и министер без ресор

Претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) остави зад себе долгогодишна политичка кариера. Веста за неговата смрт ја објави „Рома Прес“.

ПОЧИНА САМКА ИБРАИМОВСКИ Поранешен пратеник и министер без ресор
Фото: Принтскрин

Почина Самка Ибраимовски, претседател на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), поранешен пратеник во македонското Собрание и поранешен министер без ресор во Владата.

Тажната вест ја соопшти „Рома Прес“, од каде што се простија од Ибраимовски со емотивна порака, истакнувајќи го неговиот белег во политичкиот и општествениот живот во Македонија.

Ибраимовски со децении беше активен во политиката и важеше за еден од препознатливите претставници на ромската заедница. Како претседател на ПЦЕР, се залагаше за подобрување на положбата на Ромите и нивно поголемо учество во политичкиот и општествениот живот.

Од 2011 до 2015 година беше пратеник во Собранието, каде што учествуваше во работата на повеќе комисии, меѓу кои Комисијата за локална самоуправа, Комисијата за труд и социјална политика и Комисијата за уставни прашања.

Во 2017 година беше именуван за министер без ресор, задолжен за спроведување на Националната стратегија за подобрување на состојбата на Ромите во Македонија. На функцијата остана до декември истата година.

Самка Ибраимовски е роден на 27 септември 1954 година во Тетово, а високо образование стекнал на Факултетот за менаџмент во Нови Сад. Во текот на кариерата извршувал и раководни функции во различни институции и организации, меѓу кои и во Прифатниот центар за баратели на азил во Скопје.

„Денес нè напушти човек кој остави свој белег во политиката“, се наведува во прошталната порака на „Рома Прес“.

Засега не се објавени информации за причината за смртта.

CATEGORIES
Share This