ПОБАРАЈТЕ БРАТЧЕ ИЛИ СЕСТРИЧЕ Јаневска по бурните реакции: Немав намера никого да навредам
Министерката вели дека демографската состојба е алармантна и затворени се 148 училишни објекти, а намалени се околу 400 паралелки.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вечерва појасни дека нејзиниот повик до првачињата да побараат братче или сестриче немал намера да влијае врз личните одлуки на родителите, туку да укаже на алармантната демографска состојба во земјава.
„Сосема сум свесна дека тоа е лична одлука и дека ние треба да ја почитуваме одлуката на парот што решава да има или да нема деца или, пак, може или не може да има деца. Со таа изјава сакав само да потенцирам дека ситуацијата е алармантна и дека тие што се во можност и ако сакаат можеби можат да им овозможат на своите дечиња да имаат братче или сестриче“, рече Јаневска во телевизиско гостување.
Таа нагласи дека немала намера никого да навреди, ниту да влијае врз личните избори на граѓаните.
Како пример за последиците од демографскиот пад, Јаневска ги посочи промените во образовниот систем. Според неа, досега се затворени 148 училишни објекти, а бројот на паралелки е намален за околу 400.
„Бројот на намалени паралелки можеше да биде и двојно поголем, но при носењето на одлуките внимаваме и на други индикатори“, посочи министерката.
Јаневска оцени дека граѓаните треба да бидат свесни за демографските предизвици со кои се соочува државата, но и дека подобрувањето на условите за живот мора да биде заедничка цел.
„Ако си ја сакаат државата, треба да се потрудат, заедно со сите нас, да ги подобриме условите за живот, за да не продолжи иселувањето и да го стабилизираме демографскиот пад. Се разбира дека тоа треба заеднички да го правиме“, додаде таа.
Според министерката, сите институции работат во рамки на своите надлежности со заедничка цел и подобрување на квалитетот на животот, создавање услови граѓаните да останат во земјата и да можат да изградат пристоен и модерен живот.
Јаневска ја упати спорната порака денеска, на првиот ден од новата учебна година, при посетата на ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани, општина Бутел. Покрај тоа што на првачињата им порача да стекнуваат знаење, таа ги повика најмладите ученици да побараат од своите родители да добијат братче или сестриче.
Како што објасни вечерва, целта на пораката била да се стави акцент на потребата од поголема свест за демографските движења и значењето на човечкиот капитал за иднината на државата.

