ПО 45 ГОДИНИ НЕМА ДА МОРА ДА ЗАМИНУВААТ ОД АРМИЈАТА Војниците добиваат договор на неопределено време

Новата владина одлука овозможува професионалните војници да продолжат да работат како цивилни лица, со исти месечни примања и додатоци на плата.

ПО 45 ГОДИНИ НЕМА ДА МОРА ДА ЗАМИНУВААТ ОД АРМИЈАТА Војниците добиваат договор на неопределено време
Фото: Национал

Професионалните војници кои ќе наполнат 45 години ќе можат да продолжат да работат во Армијата како цивилни лица, со трансформација на работниот однос од определено на неопределено време. Со оваа реформа трајно треба да се реши долгогодишното прашање за статусот на професионалните војници по навршувањето на возрасната граница, информираше министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Одлуката е донесена на владина седница, а решението е усогласено со Армијата и професионалните војници. Мисајловски го соопшти ова на заедничка прес-конференција со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и претставници на синдикалните здруженија во одбраната.

„Решението значи дека војниците конечно заслужено ќе можат да бидат задоволни и сигурни и по својата 45-та година. Остануваат сите опции – отпремнина и трансфер во институциите, но со оваа реформа отвораме можност секој војник да може да остане како цивилно лице во Армијата“, изјави Мисајловски.

Министерот појасни дека станува збор за ново решение, кое не е дел од Колективниот договор, а преговорите за неговото усогласување продолжуваат.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, оцени дека одлуката е значајна за професионалните војници, бидејќи прашањето за нивниот статус по навршувањето на 45 години се провлекува повеќе од 15 години.

Според него, војниците кои ќе го трансформираат работниот однос ќе бидат распоредени во единиците во кои ќе ја извршуваат обврската за обезбедување на гарнизоните, касарните и имотот на Армијата. Досега оваа задача била дополнителна обврска на единиците, а со новото решение ќе се предвиди нејзино извршување од професионалните војници кои ќе продолжат да работат како цивилни лица.

„Ве уверувам дека не постои подобар персонал од професионалните војници кои ќе се одлучат да го трансформираат работниот однос за извршување на оваа обврска“, истакна Лафчиски.

Од Министерството за одбрана посочија дека со промената на статусот месечните примања, вклучително и сите додатоци на плата, ќе останат непроменети. Војниците ќе се пензионираат според постојните правила и одредбите од колективните договори во Армијата.

Според проценките, од следната година околу 100 професионални војници би можеле да ја искористат новата можност и да продолжат со работа во Армијата на неопределено време, како цивилни лица.

CATEGORIES
Share This