ПО 30 ГОДИНИ ДНК АНАЛИЗА ПОТВРДИ „Green Boots“ бил индискиот планинар Дорје Моруп
Индо-тибетската гранична полиција потврди дека останките на познатиот планинар му припаѓаат на Дорје Моруп, кој загинал во експедицијата на Еверест во 1996 година.

Три децении откако стана еден од најпознатите и најморничави симболи на Монт Еверест, конечно е откриен идентитетот на планинарот познат како „Green Boots“. ДНК анализата потврди дека телото кое со години стоеше замрзнато во таканаречената „зона на смртта“ му припаѓа на индискиот алпинист Дорје Моруп.
Моруп, кој имал 47 години, со децении бил мистерија за планинарската заедница. Неговото тело било препознатливо по зелените планинарски чизми, кои останале видливи низ снегот и мразот, па токму по нив го добил прекарот „Green Boots“.
Долго време се сметало дека станува збор за неговиот колега, 28-годишниот индиски планинар Цеванг Палјор. Сепак, Индо-тибетската гранична полиција (ITBP) официјално потврдила дека останките се на Дорје Моруп, во пресрет на планираната операција за нивно извлекување од северната страна на Еверест.
Телото на Моруп и понатаму се наоѓа на над 8.000 метри надморска височина, во еден од најопасните делови на планината. Спасувачки тим составен од искусни високогорски алпинисти треба да се обиде да ги извлече останките подоцна ова лето, но операцијата се смета за исклучително ризична.
Моруп бил член на шестчлена експедиција на ITBP која на 10 мај 1996 година тргнала во обид да го освои Еверест од тибетската страна. Кога експедицијата била погодена од силна снежна бура во близина на врвот, дел од тимот се повлекол, но Моруп продолжил кон врвот заедно со Цеванг Палјор и Цеванг Саманла.
Според податоците од експедицијата, тројцата околу 15:45 часот пријавиле дека стигнале до врвот. Сепак, поради лошата видливост, постои можност тие всушност да не успеале да ја достигнат највисоката точка и да останале нешто под врвот.
Набргу потоа временските услови се влошиле. Силни ветрови, екстремно ниски температури и речиси целосна невидливост ги оставиле тројцата планинари без шанса да се вратат во кампот. Последен пат биле забележани преку светлата на нивните челни ламби високо на планината.
Истата година, во една од најпознатите трагедии на Еверест, животот го загубиле уште осум планинари, што 1996 година ја направи една од најцрните во историјата на освојувањето на највисокиот врв во светот.
Поради екстремните услови, телото на Моруп не можело да биде извлечено. Со години останало во мала снежна вдлабнатина, каде што мразот и студот го сочувале. Местото станало познато како „Green Boots Cave“ и се претворило во ориентир за планинарите кои се искачуваат по североисточната рута.
Таканаречената „зона на смртта“ започнува над околу 7.900 метри, каде што недостигот на кислород сериозно го ограничува функционирањето на човечкото тело. Во тие услови секој чекор претставува огромен предизвик, а можноста за спасување е исклучително ограничена.
Со текот на годините, „Green Boots“ стана еден од најпознатите симболи на опасностите на Еверест. За едни бил потресен потсетник за цената на освојувањето на врвот, а за други практичен знак дека се приближуваат кон последниот и најтежок дел од искачувањето.
„Тешко е да не го забележите човекот кој лежи таму“, изјавил искусниот планинар Ноел Хана, опишувајќи ја сцената која со години останала врежана во сеќавањата на оние кои поминале покрај познатото место.


