ПО 20 ГОДИНИ ВЕТУВАЊА Конечно почна изградбата на автопатот Скопје – Блаце

Мицкоски најави градежен бум: во земјава наскоро ќе се градат дури шест автопатски делници истовремено.

ПО 20 ГОДИНИ ВЕТУВАЊА Конечно почна изградбата на автопатот Скопје – Блаце
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски го оцени почетокот на изградбата на автопатот Скопје – Блаце како историски момент за државата, нагласувајќи дека по повеќе од две децении најави и ветувања, проектот конечно влегува во фаза на реализација.

На свеченоста по повод започнувањето на градежните работи присуствуваа претседателот на Собранието Африм Гаши, премиерот на Косово Албин Курти, министри, пратеници и градоначалници.

Според Мицкоски, автопатската делница ќе има значајна улога во подобрувањето на економското и транспортното поврзување меѓу Македонија и Косово.

„За граѓаните од двете земји ова ќе значи подобра економија, подобро поврзување, подобар транспорт и подобра размена“, истакна премиерот.

Тој посочува дека ваквите инфраструктурни проекти се особено значајни во 21 век.

Домашна компанија ќе ги изведува градежните работи

Мицкоски нагласи дека изградбата ќе ја реализира домашна компанија, што, како што рече, ќе придонесе за македонската економија, но и ќе отвори нови работни места. Тој најави дека наскоро се очекува да започнат активности и на делницата Букојчани – Кичево, со што земјата, според него, влегува во период на засилена изградба на патната инфраструктура.

„Ќе се создадат услови на територијата на државата истовремено да се градат шест автопатски делници, нешто што досега никогаш не се случило“, рече Мицкоски.

Станува збор за делниците Скопје – Блаце, Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Букојчани – Кичево, Кичево – Охрид и Прилеп – Битола.

„Градиме иднина за младите“

Премиерот порача дека капиталните инфраструктурни проекти се дел од заложбата на Владата за создавање подобри услови за живот и задржување на младите во земјата.

„Политичарите се минливи, а се ценат според она што ќе го остават зад себе. Ние како Влада ќе оставиме капитални проекти и дела кои ќе ја одредат иднината на државата и ќе обезбедат иднина за младите“, порача Мицкоски.

Како клучни приоритети на Владата тој ги посочи економскиот развој, владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата.

Според Мицкоски, патриотизмот во 21 век не треба да се сведува само на национални идеи, туку треба да значи силна економија, повисок стандард, ефикасни институции и задоволни граѓани.

CATEGORIES
Share This