ПИОМ ВОЗВРАТИ НА РЕВИЗИЈАТА Ова се наследени проблеми, системот не е загрозен

Од Фондот велат дека најголем дел од забелешките се однесуваат на периодот пред доаѓањето на новото раководство и дека преземени се мерки за надминување на слабостите.

ПИОМ ВОЗВРАТИ НА РЕВИЗИЈАТА Ова се наследени проблеми, системот не е загрозен
Фото: Национал

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (ПИОМ) реагираше по објавувањето на конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на институцијата во 2024 година, посочувајќи дека станува збор за редовна годишна ревизија која согласно закон ги опфаќа финансиското работење, усогласеноста на процедурите и управувањето со средствата.

Од Фондот нагласуваат дека извештајот се однесува на целата 2024 година, при што првите девет месеци со институцијата управувал кадар назначен од претходната владина структура предводена од СДСМ и ДУИ, додека актуелното раководство ја презело одговорноста во последниот квартал од годината.

Според ПИОМ, најголемиот дел од забелешките на ревизорите се однесуваат на постапки, договори и административни процеси реализирани во периодот пред доаѓањето на новото раководство, како и на слабости кои, како што наведуваат, се присутни со години и биле констатирани и во претходни ревизорски извештаи.

Од Фондот информираат дека по преземањето на управувањето биле направени анализи на ризичните процеси и биле воведени мерки за подобрување на работењето. Особено внимание, како што посочуваат, било посветено на јавните набавки, внатрешните контроли, финансиското управување, административните евиденции и управувањето со имотот и средствата.

„Слабостите кои се однесуваат на тековното административно работење и системот на јавни набавки се веќе надминати, а воспоставените механизми на крајот на 2024 и во текот на 2025 година значително го намалуваат ризикот од повторување на утврдените состојби“, наведуваат од ПИОМ.

Во однос на зголемените обврски кон Фондот за здравствено осигурување и трансферите кон пензиските друштва од вториот столб, од ПИОМ објаснуваат дека тие се последица на зголемувањето на пензиите.

Според нив, пензиите биле зголемени за околу 7.000 денари месечно за сите 347.000 пензионери, што претставува дополнителни околу 30 милијарди денари годишно. Бидејќи придонесите за здравствено осигурување и вториот пензиски столб се пресметуваат врз основа на висината на исплатените средства, со растот на пензиите се зголемиле и обврските по овие основи.

Од Фондот уверуваат дека ниту во еден момент не било доведено во прашање здравственото осигурување на пензионерите и дека сите права продолжиле непречено да се реализираат.

ПИОМ соопшти дека ги прифаќа препораките на Државниот завод за ревизија и ќе продолжи со нивна имплементација, со цел, како што наведуваат, обезбедување законито, транспарентно и одговорно управување со средствата на осигурениците и пензионерите.

Од институцијата уверуваат дека финансиската стабилност на Фондот, редовната исплата на пензиите и функционирањето на пензискиот систем не се загрозени.

CATEGORIES
Share This