ПЕЛИСТЕР ПОД ОПСАДА Вооружени лица навлегле длабоко во паркот, полицијата тргнала во ноќна потера
Ренџери и полицајци со часови трагале по вооружените лица, кои биле лоцирани во зона на строга заштита на над 2.000 метри надморска височина.

Ренџерската служба на Националниот парк „Пелистер“, во соработка со СВР Битола, спровела повеќечасовна ноќна акција за пронаоѓање лица вооружени со огнено оружје, кои навлегле длабоко во заштитеното подрачје. Според информациите од паркот, се претпоставува дека станува збор за ловокрадци.
Акцијата започнала на 12 август, околу 19 часот, откако ренџерите добиле информации од повеќе извори за присуство на вооружени лица во внатрешноста на паркот. Во потрагата биле вклучени две патроли на НП „Пелистер“, со поддршка од полициски службеници од СВР Битола.
Патролните екипи се движеле независно една од друга, по исклучително тежок и непристапен терен на над 2.000 метри надморска височина. Едната патрола пристапувала од правец на селото Велушина, а другата од Инфоцентарот, со цел да стигнат до локацијата каде што биле забележани вооружените лица.
По повеќе од три часа пешачење, околу 23:30 часот, лицата биле лоцирани во близина на локалитетот Голема Грива, во зона со строга заштита.
Од тој момент, понатамошните активности ги презеле полициските службеници. Акцијата траела до раните утрински часови, а околу 4 часот на 13 август лицата биле спроведени во полициска станица.
Од НП „Пелистер“ посочуваат дека теренот во кој била спроведена акцијата е исклучително тежок за движење и контрола, особено поради недостигот на соодветна инфраструктура за редовни патролни активности.
Од паркот укажуваат и дека шумските патишта, кои според стратешките документи треба да претставуваат важна инфраструктура за заштита на природата, противпожарна заштита и движење на ренџерските служби, со години биле оставени да пропаѓаат.
НП „Пелистер“ информира дека обновувањето на овие патишта е меѓу приоритетните активности. Од таму додаваат дека и покрај тешките услови, во соработка со СВР Битола навремено се спречуваат обидите за незаконски активности во најзаштитените делови на паркот.

