ПЕЧАТИТЕ СИ ОСТАНУВААТ КАЈ ТАРАВАРИ – Села со остра реакција

Алијансата за Албанците, предводена од Зијадин Села, реагираше на одлуката на Основниот суд во Тетово со која раководењето на партијата му е доделено на Арбен Таравари.

ПЕЧАТИТЕ СИ ОСТАНУВААТ КАЈ ТАРАВАРИ – Села со остра реакција
Фото: Принтскрин

Основниот суд во Тетово го прифати барањето на Арбен Таравари за регистрација на измените во Статутот на Алијансата за Албанците. Со оваа одлука, печатот на партијата си останува кај Таравари, а во Регистарот се внесува постариот статут, што носи нов пресврт во спорот за контрола на партијата.

Алијансата за Албанците, предводена од Зијадин Села, преку соопштение реагираше на одлуката на Основниот суд во Тетово со која раководењето на партијата и понатаму останува кај Арбен Таравари.

„Денешната одлука само го потврди она што постојано го тврдевме дека Арбен Таравари делува како слуга на заробениот систем кој работи против Албанците и против Алијансата за Албанците. Водевме судска битка уверени во нашите статутарни и законски права, но секогаш свесни дека се соочуваме со систем кој има свои политички интереси.

Како може да се објасни тоа што процесот траеше повеќе од две години, што предметот беше двапати вратен и разгледуван трипати во Основниот суд и преседан што никогаш порано не се случил? Како може да се објасни фактот дека судот сега одлучува спротивно на сопствената претходна одлука, токму во момент кога Арбен Таравари нема ниту половина од членовите и делегатите што ги имаше на почетокот на процесот?

Во последен момент, судијата во Основниот суд беше сменет и од Албанец беше назначен Македонец, што според нас ја покажува политичката природа на оваа одлука.

Сето ова ја потврдува нашата оценка дека одлуката е политички мотивирана и претставува обид за атентат врз албанска политичка партија која со години беше важен фактор на политичката сцена и моќен бранител на албанската национална кауза.

Нашата цел останува иста, да го зачуваме името и идентитетот на Алијансата за Албанците. Партијата не се откажува! Ние, активистите, членовите и борците за каузата, ќе продолжиме да се бориме за Албанците и со Албанците. Ќе ја обжалиме одлуката до Апелациониот суд и ќе искористиме секоја можност да го зачуваме домот изграден со трудот, потта и жртвата на основачите и вистинските активисти“, стои во соопштението.

CATEGORIES
Share This