ПАРИ НАМЕСТО ВОЗЕЊЕ – Малта ги наградува граѓаните со 25.000 евра што ќе се откажат од автомобил

Малта ќе исплаќа по 5.000 евра годишно на граѓани што ќе се откажат од возење пет години

ПАРИ НАМЕСТО ВОЗЕЊЕ – Малта ги наградува граѓаните со 25.000 евра што ќе се откажат од автомобил
Фото: Принтскрин

Малта воведе една од најнеобичните мерки за намалување на сообраќајниот метеж: граѓаните што доброволно ќе се откажат од својата возачка дозвола на пет години можат да добијат до 25.000 евра.

Програмата, која ја претстави министерот за транспорт Крис Бонет, има за цел да ги мотивира жителите почесто да користат јавен превоз и да придонесат кон растоварување на улиците. Финансиската поддршка се исплаќа во период од пет години по 5.000 евра годишно, но под строго дефинирани услови.

За да аплицираат, кандидатите мора да имаат најмалку седум години живеалиште во Малта и да поседуваат возачка дозвола од категорија Б најмалку една година. Во програмата не се вклучени лица со суспендирани дозволи, дозволи издадени надвор од ЕУ, како и оние на кои возењето им е дел од работните обврски.

Мерката се однесува исклучиво на сопственици на патнички автомобили, додека мотоцикли, комбиња и други типови возила се исклучени. Во текот на петгодишниот период, учесниците нема да смеат да управуваат возило ниту во земјата, ниту во странство. Во спротивно, им се заканува казна од 5.000 евра и враќање на дел од добиените средства.

По истекот на програмата, учесниците ќе треба повторно да аплицираат за возачка дозвола и да посетат минимум 15 часа обука за возење.

И покрај строгите правила, интересот е значителен и од почетокот на годината, повеќе од 100 млади лица веќе се пријавиле. Рокот за аплицирање е до 30 јуни.

Оваа иницијатива претставува радикален обид на една држава да го промени однесувањето на граѓаните и да се справи со сообраќајниот метеж преку стимули, наместо казни.

CATEGORIES
Share This