ПАДНА ДОГОВОРОТ – Мурињо повторно тренер на Реал Мадрид

Реал Мадрид во резултатска криза и без трофеј две сезони.

ПАДНА ДОГОВОРОТ – Мурињо повторно тренер на Реал Мадрид
Фото: Принтскрин

Фудбалска Европа е изненадена од информациите дека Жозе Мурињо е на чекор до спектакуларно враќање на клупата на Реал Мадрид, 13 години по неговиот прв мандат во „кралскиот клуб“.

Според шпански и португалски медиуми, португалскиот стратег веќе постигнал договор за двегодишна соработка со мадридскиот гигант, а официјалната потврда се очекува во наредните денови.

Она што дополнително привлекува внимание е информацијата дека Мурињо планира во Мадрид да го донесе целиот свој стручен штаб од Бенфика, клубот што го водеше оваа сезона. Во неговиот тим би биле Жоао Тралхао како помошник тренер, Педро Мачадо, тренерот на голманите Нуно Сантос, како и Роберто Мерела задолжен за анализа на противниците.

Како што се наведува, Мурињо сака да работи со проверен и стабилен тим, а токму тоа било еден од клучните услови за неговото враќање во Реал.

Тој првпат го предводеше Реал Мадрид од 2010 до 2013 година, период во кој освои една титула во Ла Лига, еден Куп на Кралот и еден Суперкуп на Шпанија.

Иако неговиот престој беше обележан со турбуленции, дел од навивачите и аналитичарите сметаат дека токму тој му го врати победничкиот менталитет на клубот.

Оваа сезона, Мурињо ја водеше Бенфика, која заврши на третото место во првенството и остана без пласман во Лигата на шампионите. И покрај договорот до следното лето, португалскиот клуб наводно ќе добие околу осум милиони евра обештетување за неговото заминување.

Во меѓувреме, Реал Мадрид минува низ тежок период, без освоен трофеј во последните две сезони. Слабите резултати доведоа до промена на тренерската позиција уште во јануари, кога Чаби Алонсо беше заменет.

До крајот на сезоната тимот го водеше Алваро Арбелоа, но без значителен успех.

Сега вниманието повторно е насочено кон Мурињо, човекот кој би можел да се врати како главна фигура на „Сантијаго Бернабеу“.

CATEGORIES
Share This