ДОБРА ВЕСТ ЗА ГРАЃАНИТЕ – Се отвора можност за поевтина електрична енергија
Можно проширување на евтината дневна тарифа од 2 на 5 часа.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Ацо Ристов, изјави дека анализата за блок тарифите има за цел граѓаните да добијат пониска цена за електрична енергија.
Во телевизиски интервју, Ристов посочи дека системот на блок тарифи бил воведен во периодот на енергетската криза, но оттогаш до денес во енергетскиот сектор се случиле значајни промени, што отвора простор за нови размислувања.
„Тоа е повод да се размисли како да се воспостави систем кој ќе овозможи поевтината електрична енергија од обновливи извори, која е значително поевтина од онаа што ја произведува ЕСМ и која државата ја субвенционира, да биде достапна за граѓаните. Наша цел како регулатор е евтината енергија да стигне до домаќинствата“, изјави Ристов.
Тој додаде дека идејата е да се искористи зголеменото производство на електрична енергија од фотоволтаични централи и таа да се интегрира во системот за користење од страна на граѓаните. Дополнително, се разгледува можноста евтината дневна тарифа да се прошири од два на пет часа.
„Ноќната тарифа ќе остане, но може да се помести нејзиниот временски период, во зависност од резултатите од анализата“, потенцира Ристов.
