ОСВРТ КОН ДЕЛОТО ПЕРДУВ/ПЕРО – На вајарот Андреј Митевски

Андреј Митевски е еминентен современ македонски скулптор со повеќедецениска континуирана творечка дејност и јасно изграден авторски израз.

ОСВРТ КОН ДЕЛОТО ПЕРДУВ/ПЕРО – На вајарот Андреј Митевски
Фото: Јасмина Котевска

До редакцијата на Национал пристигна осврт од историчарката на уметност Јасмина Котевска, посветен на делото на Андреј Митевски, во контекст на посетата на владината делегација во Ватикан по повод традиционалната манифестација во чест на Свети Кирил и Свети Методиј, како и врачувањето на подарокот за Папа Лав XIV – скулптурата „Пердув/Перо“, дело на Митевски.

Во продолжение, текстот го објавуваме интегрално.

Пердувот низ историјата и културите отсекогаш бил повеќе од обичен природен облик. Тој се појавува како симбол на духот, слободата, мислата и преминот меѓу видливото и невидливото. Во древниот Египет пердувот на божицата Маат бил мерка за вистината и чистотата на душата, додека во античките митологии крилјата и пердувите ги носеле гласниците меѓу световите. Во христијанската традиција тие стануваат знак на ангелско присуство и духовна светлина, а кај домородните народи на Америка — света врска со природата, мудроста и достоинството. Истовремено, перото како алатка за пишување со векови ја претставувало моќта на зборот, знаењето и човечката меморија. Со него се испишувала историјата, законите, молитвите и мислите што останувале зад времето.

Во скулптурата „Пердув/Перо“ на вајарот Андреј Митевски, овој симбол добива ново, современо читање. Пердувот како знак на чистота, духовна леснотија и нов почеток е поставен во материјал кој по својата природа е спротивен на неговата суштина — бел мермер, материјал што носи тежина, цврстина и трајност. Па токму во овој контраст помеѓу лесното и тешкото, меѓу минливото и трајното  го отвора суштинското значење на делото.

Белиот мермер природно поседува специфична кристална структура што делумно ја пропушта светлината низ површинските слоеви, па тоа негово својство на формата на пердувот и дава мек и органски изглед, со што светлината нежно се задржува и се прелева низ мермерната површина, создавајќи илузија во која тежината на каменот исчезнува и се преобразува во лесна форма што лебди во просторот. На тој начин материјалот ја надминува сопствената физичка природа и станува медиум преку кој се создава чувство на нематеријалност и духовна присутност.

Во својата природна состојба пердувот е лесен, минлив и подложен на исчезнување, но претворен во мермер тој добива траен печат на постоење. Авторот на тој начин го преобразува ефемерното во безвременско, создавајќи форма што повеќе не припаѓа само на физичкиот свет, туку навлегува во сферата на метафизичкото. Пердувот престанува да биде обичен предмет од природата и станува симбол на духовна трага — знак на нешто невидливо, но суштински присутно.

Токму во таа преобразба лежи и метафизичката димензија на делото: преку тешкиот и траен камен се материјализира нешто што во својата суштина е нематеријално — мисла, сеќавање, дух или внатрешно чувство. Така скулптурата не сведочи само за физичкото присуство на објектот, туку и за човековата потреба да го допре невидливото и преку уметноста да остави траен духовен белег.

Во продолжение на симболичкиот и метафизичкиот контекст на делото,  со неговатаа селекција за официјален подарок за римскиот Папа Лав XIV од страна на македонската владина делегација по повод денот на македонските просветители Св. Кирил и Методија, скулптурата „Пердув/Перо“ на вајарот Андреј Митевски добива  дополнителна културно историска тежина која на симболичен начин се поврзува директно со работата на браќата – просветителството, кое ќе произлезе од нивното перо.

Погледнато во контекст на овој владин гест, скулптурата станува мост меѓу уметноста, духовноста и историското наследство, односно постанува  современ визуелен знак што ја продолжува идејата за писменоста како духовен и цивилизациски чин,  во кој зборот, меморијата и духовната трага што човекот ги остава зад себе имаат моќ да опстојат низ времето, поврзувајќи различни култури, епохи и светови

Андреј Митевски е еминентен современ македонски скулптор со повеќедецениска континуирана творечка дејност и јасно изграден авторски израз. Во текот на својата богата кариера реализирал 12 самостојни изложби во земјата и странство и учествувал на 32 значајни групни изложби и меѓународни биеналиња. Неговото творештво е презентирано во бројни културни центри во Европа и светот, вклучително Холандија, Србија, Грција, Кина и други земји. Особено значаен е неговиот ангажман на 38 интернационални скулпторски симпозиуми, на кои учествувал во повеќе од петнаесет држави низ Европа, Азија, Африка и Јужна Америка, со што континуирано придонесува за меѓународна културна размена и афирмација на македонската уметност на глобално ниво.

Неговото уметничко делување се одликува со висока естетска и професионална зрелост, иновативен пристап и континуирано истражување на формата, материјалот и просторот, преку што се оформува препознатлив и автентичен авторски израз. Особено значајна е неговата доследна работа со камен и мермер, при што создава скулптури од мал и голем формат, во кои природата и органските форми произлезени од неа претставуваат доминантен инспиративен извор. Познат е по неговата способност да го обликува мермерот во суптилни и органски форми, со што се истакнува како значаен претставник на современата органска скулптура во земјата. Посебен акцент во неговото творештво претставуваат мермерните торза, кои се одликуваат со суптилна грациозност и естетска префинетост, при што несовршеноста на материјалот често придонесува кон дополнителна визуелна и тактилна вредност на делото.

CATEGORIES
Share This