ЈОНЧЕ ХРИСТОВСКИ – Бардот на македонската народна музика
Од сцената до семејниот дом – живот полн со мерак и болка.

Доајенот на македонската народна музика, Јонче Христовски, доживеа голема животна трагедија од која никогаш не закрепна.
„Еден и единствен, едноставно бард над бардовите, Јонче Христовски!!! 1931-2000. Ти благодарам за целото музичко богатство што ни го остави во наследство!“, напиша музичарот Петар Георгиевски-Камиказа на својот Фејсбук-профил.
Камиказа потоа сподели дел од интервју со ќерката на Јонче, Невена, која говореше за последните денови на својот татко:
„Пред да почине, кога веќе му беше многу лошо, на смртната постела ја повикуваше мајка ми. ‘Да ме закопате покрај неа, покрај мојата гулабица Оле’, ни кажа, и ние ја исполнивме неговата последна желба“, раскажа Невена Гиговска во постаро интервју.
Големиот музичар и боем, со помош на мајката на неговата сопруга, ги одгледал двете ќерки близначки откако сопругата му починала по породување. Едната ќерка го добила името по мајка ѝ Олга, а другата по баба ѝ и по мајка, Невенка. Христовски никогаш не се преженил, живееше за своите ќерки и за музиката. Со невиден жар ги изведуваше своите песни, многумина од кои денес се сметаат за класика на македонската народна музика, напиша Камиказа.
Јонче Христовски е роден во Битола во 1931 година, а почина во Скопје на 15 април 2000 година. Тој беше истакнат македонски пејач, текстописец и композитор, кој македонскиот мелос го пренесуваше низ целиот свет. Неговиот сценски настап, со фрлање на палтото на земја, бакнување на земјата и боемскиот мераклиски стил на живот, останаа во сеќавањето на публиката.
Во 1963 година, Јонче остана сам со двете ќерки по смртта на сопругата, на која ѝ посвети емотивната песна „Животе мој“. За ќерките Невена и Олгица, неговите колеги велат дека биле центарот на неговиот живот и тој им бил и татко и мајка, ги водел на настани и се грижел ништо да не им недостига.
Според последните информации, Невена останала да живее во Скопје, додека Олгица се преселила во Канада. Невена се расплака на сцената на Националната опера и балет, заедно со Виолета Томовска, испевајќи дел од „Македонско девојче“, песната што ја создал нејзиниот татко, на концертот посветен на Јонче Христовски во април 2023 година.

