ОХРИД СТАНУВА ЦЕНТАР НА СВЕТСКИОТ ЏЕЗ Шест концерти, големи имиња и музика од седум земји
Охрид под џез-опсада: Четири дена музика од светски познати имиња.

Охрид летово добива нова музичка приказна. Од 13 до 16 август, во рамките на фестивалот „Охридско лето“, за првпат ќе се одржи програмата „Џез-вечери“, во организација на Радио „Џез ФМ“ и НУ „Охридско лето“.
Во уникатниот амбиент на црквата „Света Софија“ и на сцената Долни Сарај ќе бидат одржани шест концерти на музичари од САД, Германија, Грција, Гана, Холандија, Велика Британија и Македонија.
Програмата започнува на 13 август во „Света Софија“ со концертната промоција на албумот „Orthodoxia Kai Thanatos“ на македонскиот пејач, гитарист и композитор Крсте Роџевски, кој со години е дел од авангардната њујоршка даунтаун сцена. На концертот ќе настапи со Христијан Моневски, Дамјан Палоски, Андреа Мирческа и Оливер Јосифовски.
Истиот ден ќе настапи и Дине Донеф со своето трио, во кое се Харис Ламбракис и Кирјакос Тапакис. Донеф, односно Костас Теодору, е композитор, контрабасист и мултиинструменталист, познат по музичкиот спој на балканската традиција, импровизацијата и современиот џез.
На 14 август на сцената Долни Сарај ќе настапи Националниот џез-оркестар со програмата „Македонски сновиденија“, под диригентската палка на Владимир Николов. Концертот претставува спој на македонскиот фолклор и современиот џез, а специјален гостин ќе биде трубачот Питер Сомуа од Гана, кој живее и работи во Ротердам.
Сомуа ќе настапи повторно на 15 август, овојпат со својот состав, во кој современиот џез се преплетува со африканските ритми и мелодии.
Истата вечер публиката ќе има можност да ја слушне и Нубаја Гарсија со својот квартет. Британската саксофонистка и композиторка е една од најзначајните имиња на новата лондонска џез-сцена, а во својот препознатлив звук ги спојува современиот џез, карипските традиции, афробитот, дабот и електронските влијанија.
„Џез-вечери“ ќе завршат на 16 август со настапот на британскиот состав „Kiioto“, проект на музичарите Лу Роудс и Роан Хит. Нивната музика ги поврзува џезот, електрониката, соулот, трип-хопот, амбиенталната музика и современиот поп.
Со шест концерти и музичари од повеќе земји, новата програма на „Охридско лето“ има амбиција да го претвори Охрид во една од атрактивните точки на европската џез-сцена во август.

